Прилепски Комуналец започна со пролетно чистење на дивите депонии

203
Прилепски Комуналец започна со чистење на дивите депонии. Акцијата за чистење која во континуитет ќе се одвива околу еден месец, ЈКП „Комуналец“ – Прилеп и локалната самоуправа, ја посветуваат на вчерашниот ден, Светскиот ден на планетата Земја. 
– Чистењето на дивите депонии започна од најризичната дива депонија кај надвозникот на излезот за Битола минатата недела. Иако комплетно исчистена, несовесните граѓани и градежните фирми и понатаму си погруваат со природата. Купишта земја, градежен шут, разноразен комунален отпад, огромни бетонски  блокови и столбови се исфрлаат на оваа локација. По чистењето на дивата  депонија кај надвозникот, на која се натрупани над 350 метри кубен инертен отпад и комунален отпад, ќе се продолжи со чистење на дивите депонии над касарната Мирче Ацев, Заполшки мост, патот спрема Оревоец, над населбата Кузман, патот за Маркова чешма и Ленишки мост,од левата страна на патот спрема езеро, и во населбата Тризла на повеќе локации – велат од ЈКП „Комуналец“.
Техничката оператива на комуналното претпријатие врши лоцирање на дивите депонии и проценка на исфрлен отпад од различни категории отпад на годишно ниво. Поголемиот дел од исфрлените количини редовно се чистат. Но и покрај заложбите да овозможи чист и уреден град, несовесните граѓани и градежните фрими, никако да ја испочитуваат животната средина, во која и самите живеат. 
Од Комуналец, упатуваат апел до сите жители на општинава  да се обраќаат до комуналното претпријатие, од каде  ќе им укажат на каков начин инертниот отпад да го одложат на  депонијата Алинци.
Покрај овозможениот влез на депонијата Алинци и со сопствено возило да се одложи градежниот шут, на располагање на граѓаните и градежните фирми им се контејнери, кои по нарачката се доставуват во рок од 1 час.
Во 2017 година само на депнонијата Алинци се одложени 3.228 тони градежен шут и 323 тони неупотреблива земја, од вкупниот отпад однесен на депонијата или 26.500 тони комунален отпад одложен на депонија потенцираат од ЈКП „Комуналец“.
Ка.М.