Прилепската болница доби 44 болнички кревети и медицинска опрема

831

Прилепската болница „Борка Талески“ доби вкупно 44 електрични болнички кревети и дополнителна медицинска опрема, во рамки на хуманитарната донација од меѓународните организации „Пламен на Мирот“ од Виена, Суверен болнички ред “Св. Јован од Ерусалим”, Ротари клубот „Прилеп“ од Прилеп и Лајонс клубот „Вардар“ од Скопје. Донацијата е вредна околу 40 илјади евра.

-Кревети недостасуваат секогаш и затоа оваа донација е многу корисна за нашата болница. Посебно во одделенијата каде што има потреба од тоа пациентите да се наместат согласно одредена позиција. Станува збор за електрични болнички кревети – рече директорот на болницата д-р Драган Богоески.

За градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски, оваа хуманитарна акција ќе има најголеми ефекти за хоспитализираните пациенти.

-Уште истиот момент, заедно со секретарот на локалната организација „Пламен на мирот“ во Македонија, Жан Станоевски, одлучивме да се вклучиме во реализација на проектот преку нејзино прифаќање и транспорт до болницата во Прилеп. Притоа, добивме огромна помош од спонзори и помагатели за покривање на трошоците за успешно реализирање на целокупната операција – истакна Никола Блајбершник претседател на меѓународната организација „Пламен на мирот“.

Проектот за донирање на електрични болнички кревети почна уште во декември 2017 година, кога Суверениот болнички ред „Св. Јован од Ерусалим“ најавил дека има контингент користени болнички кревети од болница „Св. Џорџ“ од Лондон. Хуманитарната акцијата за донирање на кревети во болницата ја спровеле сите фирми од групацијата НОВОМАТИК, компаниите CSConstan, Kuehne+ Nagel (Кине Нагел), Агенцијата за односи со јавност Чептер 4 Македонија, Лајонс клубот „Вардар“ и Ротари клубот „Прилеп“.

Ka.M.