Привршува процената на штетите во Прилепско, но и бербата на тутунот

55

Прилепската комисија за процена на штети  е при крај со процената на 1.315-те барања на земјоделците за процена на штетите што ги направи невремето од 23 јули годинава кога силниот дожд и град го уништи родот, главно на тутунот, потоа на насадите со пиперки и житни култури, на околу 600 хектари.

Според Жарко Северкоски, претседател на општинската комисија за процена на штетите, останаа уште 60-ина спорни барања кои треба да се решат до крајот на идната недела.

– Тие 50 до 60 спорни случаи се главно поради недостиг на целосна документација. Им се јавуваме на земјоделците да ги комплетираат документите, потоа излегуваме на терен за проверка. До крајот на идната недела целосно ќе ги решиме и тие случаи, па веднаш ќе почне подготовката на елаборатот -изјави Северкоски.

Инаку, деновиве Советот на Прилеп едногласно го прифати елаборатот за невремето што реоните на Мало и Големо Коњари ги зафати на 9 јули. Тогаш беше уништен родот, главно на тутунот, на околу 300 хектари, а проценетата штета е околу 300.000 евра. Од 105-те барања за процена на штетите, Комисијата прифати 96.

Што се однесува до годинашниов род во регионот на Прилепско и Долненско, бербата е при крај, но родот е намален поради неповолните временски прилики, а во прашање е и квалитетот зашто листовите се поголеми од мерилата.

Според Муса Ибраимоски, претседател на тутунското здружение „Златен лист“ од Долнени и член на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија, родот е намален, во целата земја од околу 25 до 30 насто.

– Иако годинава имавме повеќе површини со тутун, поради неповолните временски прилики, родот е намален од 25 па и до 30 насто. Во целава земја може да се очекува да тежи околу 22.000 тони, а откупувачите побаруваат повеќе. Сега бербата е при крај, се берат последните, најквалитетни врвни листови и очекуваме, иако се поголеми од мерилата, сепак да ја подобрат ситуацијата со квалитетот. Освен тоа, најавени се повисоки цени по класи и тоа треба да се решава во текот на наредниот месец преку анекси во договорите. Со оглед на намалениот род, се очекува поголема побарувачка – изјави Ибраимоски.