Претставникот на ЕУ Никола Бертолини во посета на Кичево и село Колибари

220
Фото: Зоран Антоски

Во посета на Кичево денеска беше претставникот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Никола Бертолини. Тој најпрво во текот на претпладнето го посети село Колибари, каде во блиска иднина со европски пари, треба да биде изграден систем за наводнување со кој ќе бидат опфатени 160 хектари плодно земјиште.

Потоа Бертолини го посети Центарот за развој на заедницата во Кичево каде имаше двочасовна средба со претствници на невладините организации и граѓански здруженија од Кичево и Дебар. Најпрво Бертолини ги сослуша излагањата на повеќето претставници на невладини организации и граѓански здруженија, на чии прашања потоа одговараше.

-Денес сме во Кичево за да можеме да се запознаеме со работењето на невладините организации и граѓанскиот сектор и да ја нарушиме досегашната практика да се дружиме со невладините организации претежно од главниот град. Правиме напори средствата од ЕУ да ги насочиме кон регионите и таму да вложуваме, како и да подржиме неформалните организации. Во нашата нова програма за буџетирање ќе дадеме поголема подршка на помалку развиените региони како што е вашиот а, таа практика ќе продолжи и во наредните години. Ги слушнавме проблемите со кои се соочувате и сакаме соодветно да одговориме на идните ваши предизвици. Во овој момент подржани се 50 проекти на 70 граѓански здруженија. Во текот на денот го посетивме и село Колибари каде со средства од ЕУ наскоро треба да започне изградбата на систем за наводнување, кој ќе може да наводнува околу 160 хектари а за неговото менаџирање и натамошно функционирање ќе треба да се погрижи и месното население- рече Бертолини во своето излагање.

Претставникот на Делегацијата на Европската унија во Македонија најави дека следно југозападниот дел од земјава ќе добие посоодветен третман за што побрз економски развој и за порамномерен развој во земјава што досега не беше случај.