Пред споменикот Карпалак во Прилеп одбележани 17 години од масакрот

316

Пред споменикот Карпалак во центарот на Прилеп со полагање цвеќиња беа во
одбележани 17 години од масакрот, во кој во 2001 година загинаа десетмината
припадници на АРМ – Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Веби
Рушитоски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Дарко Велјаноски, Љубе Грујоски,
Пецо Секулоски и Марко Деспотоски.

Почит на загинатите им оддадоа делегации од Кабинетот на претседателот на
РМ, од МО и ГШ на АРМ, од Оштина Прилеп предводена од градоначалникот Илија
Јованоски, од општинскито совет, од ЈКП, семејствата на загинатите, од Здружението
„Карпалак“, од политичките партии.

– Им се поклонуваме на нашите бранители, на нивната жртва. Десетмината кога и
беа потребни на државата застана на браникот на државата, ги положија своите
животи. Овде пред споменикот, како паметник за нивното дело заедно да застанеме на
страната на иднината против сите темнини. Нивната колективна жртва од 2001 нека
биде опомена и порака со мир и слобода да се решават сите отворени прашања. Како
народ судбоносно сме исправени пред искушенија, но целта ни е трасирана, бидејќи
чекориме кон ЕУ и НАТО. Да го направиме последниот исчекор да бидеме рамноправна членка кон европското семејство – порача градоначалникот Јованоски.

И по 17 години болката не е исчезната, велат дел од членовите на семејствата, како и од преживеаните од масакрот. Меѓу нив беше и поранешниот градоначалник на Прилеп Марјан Ристески, кој на својот фб статус напиша дека му било задоволство со
своите соборци да застане на браникот на татковината во тежок период.

– Достојно спроведуваќи ја нашата граѓанска обврска да си ја браниме државата, заминавме горди и во занес од љубов кон Македонија, која и ден денес ни е се! За жал десетмина од нас не се вратија, положуваќи ги своите млади животи за Македонија, за сите нас кои денес живееме во неа. Ги оставија своите блиски во вечна тага и непребол и тие треба да бидат горди на нив за нивната храброст и жртвата што ја дадоа за нашата Македонија! Злосторниците кои кукавички не нападнаа од заседа се надеваме дека еден ден ќе бидат изведени пред лицето на правдата и пред Бога , ќе платат за овој кукавички чин и злостор што го направија. Браќа! Засекогаш ќе бидете во нашите срца, почивајте во мир херои наши! – напиша меѓу другото Ристески.

Меѓутоа одбележувањето не помина без мал инцидент. Имено, на полагањето цвеќиња од списокот беше изоставена делгацијата од ИК на ВМРО ДПМНЕ на што реагираше пратеничката Ане Лашкоска, при тоа осудувајќи го чинот на изоставање на нивната делегација од читањето за полагање цвеќиња.

– Жално е што ова денеска се случи на овој ден кога политика на СДСМ дојде до израз при ваков тажен настан. Можат ВМРО-ДПМНЕ да го избришат, но ние ја имаме
почитта. Народот суди – рече Лашкоска.

Од општина Прилеп со став дека бил направен ненамерен пропуст.

– Не станува збор за никаква тенденција. Името на делегацијата е дел од списокот за полагање цвеќињата. При читањето направив несакајќи пропуст. Се извинувам и сметам дека непријатно е да се прават медиумски приказни и да се собираат дневно политички поени од нешто што не заслужува – изјави Моника Талеска, советничка за односи со јавноста во Општина Прилеп. Ка.М.