Предновогодишна дружба на Борките од цела Македонија

1375

Силна порака испратија жените-членки, поддржувачи и симпатизери на Здружението за борба против рак „Борка- за секој нов ден“ од вчерашната предновогодишна дружба во Кавадарци на која покрај најмногубројните кавадарчанки присуствуваа и жени од Струмица, Кочани, Виница, Скопје, Велес, Гостивар, Ресен, Прилеп и Валандово.

Во своето обраќање пред присутните претседателката на здружението Биба Додева изрази голема благодарност до организаторката на средбата Мери Парчева од Кавадарци која и покрај нејзината борба со лошата болест најде сила да ги собере и да реализира одлична дружба на жените –Борки. За работата на здружението во изминативе 13 години Додева ги истакна заложбите да им се помогне на болните од рак и да им се подобри квалитетот на животот. Доделени се 1.000 перики за социјално загрозени жени болни од рак, организирани се бројни обуки и советувалишта за да ги охрабрат и поткрепат во нивната секојдневна борба да го искоренат стравот од лошата дијагноза или веста дека некој близок од семејството е болен од рак. Со огромна љубов членките на здружението „Борка“ се борат за живот, да го искористат секој нов ден.

Предновогодишната дружба во Кавадарци на жените-Борки беше збогатена со богата програма, настап на Наташа Малинкова и „Ориентал бенд“, артсти од Кавадарци,  додека ликовните уметници Горан Боев и Лазар Дојчинов инспирирни од самата дружба направија две уметнички дела.

– Ако месец октомври е розов месец кој е посветен на жените и нивното здравје, дружбата во Кавадарци на Борките го направи декември розов месец на розови мисли и погледи на животот. Толку насмевки, искрени прегратки одамна немам почуствувано. Секој со секого се прегрнуваше заеднички радувајќи се на животот. Со љубов и желби за здравје беа прегратките до Мери Парчева, најголемата жена-борец со топол збор полн со надеж за себе и за сите организатори на декемвриската розова дружба во Кавадарци – изјави Љубица Бошкова, голем подржувач на Борките и еден од организаторите на сребата.

Ми.М.