Првиот број на „Нова Македонија“ го поседува и библиотеката во село Бабино

272

Покрај големиот број на книги од различна старост и потекло, и етноколекцијата со стари предмети, кои ги користело месното население низ времето, библиотеката во село Бабино, Демирхисарско, се гордее и со примерок од првиот првиот број на „Нова Македонија“ што беше испечатен пред 76 години. Во холот на библиотеката посебно место зазема токму првиот број од нашиот весник, со кој се гордее и сопственикот на оваа библиотека.

– Се што е дел од нашата библиотека има исклучителна вредност, пред се поради неговата реткост и автентичност. Сите што ја посетиле нашата библиотека, од кои добар дел и странци, со голема љубопитност се задржуваат на првиот број од „Нова Македонија“, со кој започнува да се пишува и историјата на македонското новинарство. Ретко кому може да му падне на памет дека во Бабино, село со само неколкумина постојани жители, се наоѓа и примерок од првиот број на првиот македонски весник, како и толкаво книжно богатство – рече сопственикот на оваа библиотека Стево Степановски,кој иако живее во главниот град, често е присутен во родното село Бабино и се уште со голема љубов и посветеност се однесува кон ова книжно и етнолошко богатство.
З.А.