Прва велосипедска тура- „Кичево на велосипед“

290

Викендов, иницијативата „Кичево на велосипед“ ја имаше премиерната реализација, на првата велосипедска тура на релација Кичево-село Свињиште и назад, на која зедоа учество повеќе десетици млади од градот, меѓу кои и малолетници, кои изразија желба да бидат дел од оваа велосипедска тура.

Како што велат организаторите на овој начин нема загадување на воздухот, има чиста природа повеќе здравје и дружба за незаборав.

-Премиерната реализација на турата „Кичево на велосипед“ помина во крајно ведра и релаксирачка атмосфера. По пристигнувањето во село Свињиште беа посетени надалеку прочуените извори на минерална вода, каде учесниците се освежија и во еден пократок период поразговараа, околу тоа како поминал првиот дел од патот и што ги очекува на враќање, а потоа се упатија кон Кичево и на почетната точка, каде впрочем заврши  еднодневната дружба-вели Ана Пејоска, една организирорите на оваа тура.

Ана Пејоска најави дека во наредниот период и во следните години, овие тури ќе станат почести и ќе прераснат во традиционални.

-Денешната тура „Кичево на велосипед“, е само вовед во традицијата која планираме да ја востановиме и во иднина ваквите дружби да бидат многу почести. Наредните тури ќе се возат и на други релации, во сите делови од нашата општина. Оваа тура сметаме дека е една нова спортска и рекреативна активност на жителите на Кичево, во која можат да се вклучат сите оние кои уживаат во возење на велосипед, љубители на убавата природа и оние кои имаат желба да се дружат независно од возраста. Идејата за ваква спортско-рекреативна активност се роди уште лани и во договор со истомислениците одлучивме од годинава да заживее оваа активност и истата да се претвори во традиционална- истакна Пејоска, која очекува секоја наредна тура да биде со поголем број велосипедисти од градот, желни за дружба и рекреативно возење на велосипед.

Зоран Антоски