Празноверието ќе ги истреби лилјаците од Темната пештера

1362
ФОТО: Роберт Паризов

Лекот направен од еден лилјак потопен во литар масло кој отстојал три недели лечи увоболка, а пак крв од лилјак капната на вратот помага за добивање пород. Ова е само дел од големата листа рецепти кои ги прават надрилекарите, а дебело ги плаќаат суеверни граѓани кои веруваат дека ќе се излечат од најтешки и неизлечиви болести, брзо ќе го пронајдат својот животен партнер и ќе стапат во брак.

Фотографијата со лилјаци под наслов „Истребување“на Роберт Паризов е една од фотографиите која доби многу гласови на меѓународниот конкурс на интернет страната „Заштита на природата“ ( THE NATURE CINSRVANCY). Фотографијата е направена во селото Мрежичко – кавадареко во Темната пештера каде живее колонија лилјаци. Во последно време им се заканува истребување на лилјаците затоа што покрај природните предатори на лилјаците, во последните години како најголем предатор се јавува човекот.

Според зборовите на Паризов најголеми предатори на лилјаците се луѓето кои лилјаците ги убиваат и ги користат за подготвување на некои лекови кои наводно лечат тешки болести, помагаат за побрзо добивање пород, полесно стапување во брак и така натаму. За жал колку повеќе се зголемува бројот на посетители во Темната пештера во близината на селото Мрежичко толку повеќе се намалува бројот на лилјаците од оваа колонија.

-Она што е важно за овој фото-натпревар е што со нивното објавување ќе се соберат фотографии од целиот свет од копно и вода независно дали се професионални или аматерски. Со масовното учество во натпреварот и пријавувањето на фотографии од целиот свет ќе се добие одговор зошто природата треба да се заштитува, а самиот одговор ќе биде презентиран преку фотографија. На овој натпревар јас учествував со 4 фотографии во различни категории, така што едната е пејзаж, другата див свет, а третата градови и луѓе. Се радувам што фотографијата „Истребување“ предизвика толку голем интерес и воедно ќе алармира за да се престане со безобзирното бивање на лилјаците како една алка во природниот еко систем – вели Роберт Паризов претседател на регионалниот еко центар „Еко Живот“ со седиште во Кавадарци.

Нивните активности во целост се насочени кон откривање и посочување на проблемите со кои се нарушува природниот еко систем. Регионалниот еко центар „Еко Живот“ е отворен за сите граѓани кои сакаат да дадат свој придонес во заштитата на природата.

Мирјана Мукаетова

 

ФОТО: Роберт Паризов