По седум години лекарски уверенија и во кичевската болница

894

По седум години пауза, конечно и во кичевската болница ќе можат да се добијат лекарски уверенија, за кои во изминатиов период жителите од оваа општина мораа да патуваат во Охрид, Струга или Гостивар, да се изложуваат на дополнителни трошоци и денгуба.

Причина за неможноста во својот град да се добие лекарско уверение, беше одлуката на Републичкиот санитарен инспекторат, кој поради неисполнување на хигиено-техничките услови на оваа болница, забрани издавање на лекарски уверенија, а оваа одлука беше на сила полни седум години.

-На наше инсистирање конечно, по подолг период и во кичевската болница ќе може да се добие лекарско уверение а, по сите контроли извршени од страна на надлежните инспекциски служби и ресорното министерство, дадено е зелено светло и по добивањето на неопходното решение, нашите сограѓани повеќе ќе нема потреба за овој документ да патуваат во соседните градови Гостивар, Струга или Охрид и да се изложуваат на непотребни дополнителни трошоци. Исто така и, не помалку важно, е што и кадровски се екипираме, од специјализација се враќа офталмологот, а оние специјалисти кои се уште ни недостигаат доаѓаат од Прилеп и други градови, но во блиска иднина ќе ги добиеме и овие специјалисти, така што целосно екипирани, во блиска иднина, ќе можеме да одговориме на овие обврски-  рече директорката на кичевската општа болница Биљана Настеска.

Најзадоволни од ваквиот развој на настаните се секако граѓаните, бидејќи тие најмногу беа погодени од овој повеќегодишен проблем.

-Оваа информација беше најдобрата вест што ја примивме овој месец. Ние како повозрасни граѓани ќе моравме на секои три години по лекарско уверение да патуваме во соседните градови, без вистинска потреба да потрошиме дополнително пари а и денот да го загубиме во патување. Да се надеваме дека оваа одлука нема да биде краткотрајна и ќе можеме постојано да ги користиме услугита на нашата болница за добивање на лекарско уверение- истакнаа Александар и Стојмир , постари жители од Кичево.

Зоран Антоски