Потпишан договорот за изградба на првите два километри на автопатот Скопје – Блаце

166

Директорот на ЈП „Државни патишта“, Зоран Китанов, и генералниот директор на АД „Гранит“, Зоран Милковски, денеска потпишаа договор за изградба на првите два километри на автопатот Скопје – Блаце. На потпишувањето присуствуваше и вицепремиерот Бујар Османи.

„Денес исправаме неправда која, за жал, досега се провлекуваше без малку 20 години. Проектот Скопје – Блаце не е нов проект, туку иницијатива почната многу одамна, која на еден или на друг начин цело време е отстранувана од приоритетите на државава и за која беа потребни вонсериски напори за да се врати повторно во фаза на реализација во која е сега. Од денес, овој проект влегува во иреверзибилна фаза, а динамиката на неговата реализација станува чисто техничко прашање“, истакна Османи, кој е координатор на Владата задолжен за реализација на овој проект.

Тој кажа дека е неспорно дека овој проект има и економска и општествена и политичка важност за Република Северна Македонија, проект кој претставува и дел од европската иницијатива за регионална соработка, изразена преку т.н. ‘конективити агенда’ на Берлинскиот процес“.

Во своето обраќање директорот Зоран Китанов ги образложи деталите од договорот и предметот на изведба.

– По успешно спроведената постапка за јавна набавка, од пристигнатите понуди, како најповолен економски оператор кој ќе ги изведува градежните работи е избрана компанијата ‘Гранит’. Вредноста на договорот е 747.239.717,00 денари без ДДВ или околу 12,2 милиони евра, додека работите треба да завршат во рок од 18 месеци од воведувањето во работа, што значи дека градежните работи ќе почнат оваа пролет, а првите километри од автопатот ќе може да ги возиме веќе следното лето во 2021 година – истакна Китанов, посочувајќи дека во напредна фаза е подготовката и за втората фаза, со која ќе се реализираат и следните 10 километри од автопатот.

Целиот проект за автопатот Скопје – Блаце е во вкупна должина близу 13 километри, проценет на близу 120 милиони евра, од кои 27 милиони евра како неповратен грант се обезбедени преку Рамката за Западен Балкан на ЕУ, околу 70 милиони евра се предвидени како заем од ЕБРД, а останатите средства се од буџетот на земјата.