Поставен камен темелник за изградба на затворен пливачки базен

151

Денеска во Битола, во присуство на голем број спортисти и спортски
работници беше поставен камен темелникот за изградба на затворен пливачки
базен, кој ќе чини 43 милиони денари, средства кои ги обезбеди локалната самоуправа, Агенцијата за млади и спорт и Владата.

Базенот, кој ќе биде со димензии 25 метри должина и 9 широчина е лоциран во ОУ „Даме Груев“. 

– По донесената одлука на Владата, за финансиска поддршка за отворање
на базени во државата и по поддршката на Агенцијата за млади и спорт во Битола
денеска почна изградбата на затворен пливачки базен, кој ќе овозможи анимирање на младите, на учениците, но и ќе овозможи на оние училишта кои што немаат спортски сали, дел од своите активности да ги изведуваат токму тука, во овој базен. Тоа значи дека базенот ќе биде во насока на школските активности, но сигурно ќе биде отворен и за граѓаните, нешто што години наназад Битола го заслужувала, меѓутоа не го добивала – изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Пливачкиот затворен базен, е проектиран според сите стандарди за одржување како на големи натпреварувања во нашата држава, така и на меѓународни натпревари. Овој базен е со димензии 25 метри должина и 9 метри широчина со што ги исполнува условите за одржување на вакви натпревари, дополнително енергетско – ефикасен, се со цел да заштедува колку што може повеќе од трошоците кои што ќе излезат од овој базен, се со цел да биде рентабилен, да биде одржлив и да не нанесува големи трошоци, како на општината, така и на училиштето.

– Овој базен има цел да ги оттргне децата и спортистите од сите негативни и штетни влијанија, пред се во делот на сколиоза, деформитети, зголемена телесна тежина. Пливањето како базичен спорт, пред се да ги мотивира децата да спортуваат, да ги стимулира дополнително да практикуваат спорт и здрав начин на живот. Рокот на изведба е 18 месеци, но во разговор со изведувачите, тие не убедуваат дека може многу порано да се заврши, што значи дека некаде до крајот на 2020 година или почетокот на 2021 битолчани ќе имаат затворен пливачки базен по сите стандарди и сите ние заеднички ќе се гордееме на сето тоа – изјави Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт.

Тој додаде дека реализацијата на ваквите проекти, има за цел да ги поттикне младите да живеат здрав живот. На поставувањето на камен темелник за новиот затворен пливачки базен присуствуваше и заменичката министер за образование и наука, Елизабета Наумовска.

– Министерството за образование и Владата на Република Северна Македонија од самиот почеток ја препознаа потребата за развивање на здрав спортски дух кај младите и во рамките на сите активности што ги преземаме, ние воведовме и дополнителен тандем, наставник по физичко, уште од најрана возраст кај младите. Во таа насока низ целата наша држава, со поддршка на Министерството за образование, а со уште поголема поддршка на Агенцијата за млади и спорт и локалните самоуправи, во голема офанзива овие две години се отвораат објекти од спортски карактер во многу општини и училишта, а еден од нив е и овој затворен базен. Се надевам учениците и сите битолчани ќе го видат многу брзо задоволството и бенефициите колку спортот значи, особено пливањето за нив, посебно во рамките на наставните програми и проектните активности за кои досега мораа да одат во Скопје, за да видат затворен базен – изјави заменик министерот за образование и наука Елизабета Наумовска.  М.М.