Посета на постарите жители во планинските села во кичевско

377
Фото: Зоран Антоски

На иницијатива на Регионалниот центар за управување со кризи-Кичево, изминативе денови беше извршена обиколка на повисоките населени места во Општина Кичево, а главен акцент при оваа посета беше ставен на постарите лица и лицата кои се болни и живеат сами. Покрај РЦУК Кичево, во оваа акција учествуваа и вработените од Здравствениот дом Кичево, ОО на Црвениот крст, ДЗС и Општина Кичево.,

-Како и претходните неколку години така и годинава на наша иницијатива во соработка со Здравствениот дом од Кичево, ОО на Црвениот крст, ДЗС и Општина Кичево, извршивме обиколка на селата кои се наоѓаат на поголема надморска височина, при што остваривме средба со месното население кое тука живее и во зимскиот период. По средбата со овие жители добивме целосна информација околу  нивната подготвеност за зимскиот период, дали навремено се снабдиле со прехрамбени артикли, лекови и храна за добитокот. Бидејќи поголемиот дел жители од овие планински села се на постара возраст, им беше измерен крвен притисок и проверен шеќерот во крвта-истакна раководителката на РЦУК Кичево, Сузана Тасеска.

Инаку при оваа обиколка беа посетени селата, Бачишта, Лешница, Грешница, Белица, Видрани, Прострање, Големо и Мало Црско, Козичино и Патеец. Акцијата ќе продолжи и во останатите ридско– планински села во општината. Од страна на РЦУК беше извршена контрола на постоечките радио станици и нивната исправност, додека од ОО на Црвениот крст на дел локални жители им беше подарена облека.

З.А.