Помал број крвни единици собрани во 2020 година

67

КИЧЕВО

По рекордната 2019 година, кога општинската организација на Црвениот крст во Кичево реализира најголем број крводарувања, сепак годинава пандемијата на ковид-19 од корен ги промени состојбите во однос на крводарувањето. Регистриран е намален број на крводарувања иако сепак и годинашниот успех е за пофалба бидејќи и покрај пандемијата, голем број граѓани одлучија доброволно да подарат од својата најдрагоцена течност и да спасат нечиј живот.
– На почетокот на 2020 година бевме оптимисти и очекувавме трендот на крводарувања во нашата општина да продолжи да расте и по рекордната 2019 година кога собравме 1.051 крвна единица, претходната календарска година да забележиме нов рекорд. Но појавата на коронавирусот од корен ги промени состојбите, што секако се одрази и врз бројот на крвни единици собрани од наша страна. Изостанаа дел од планираните крводарителски акции за да се спречи ширењето на коронавирусот, а се намали и бројот на доброволни крводарители, што се рефлектира и врз вкупниот број крвни единици, кој во 2020 година изнесува 938 единици на крв или за 113 единици помалку споредено со 2019 година. Според бројот на реализирани крводарувања поблиску сме до 2018 година, кога собравме вкупно 968 единици на крв или за 30 единици повеќе од лани – вели Бесник Селими, секретар на општинската организација на Црвениот крст во Кичево.

Тој нагласи дека од превентивни причини биле откажани поголем број крводарителски акции од календарот за тековната година и повеќето единици на крв се собрани во Заводот за трансфузиона медицина во Кичево.
– Најголемиот број на крвни единици се собрани во Заводот за трансфузиона медицина од нашиот град, каде што доброволци од нашата општина ја подадоа својата рака за да дарат крв. Помал број крводарувања се реализирани при редуцираниот број на крводарителски акции, кои традиционално ги спроведуваме во РЕК „Осломеј“, во „Џојсон сејфти системс“, во касарната, полицијата и на други места – додаде секретарот Селими.
Во општинската организација годинава очекуваат состојбите со пандемијата да се надминат и бројките на нови крводарувања да пораснат. Радува фактот што сѐ поголем број млади се впишаа на списокот доброволни дарители на крв.