Помалку сива економија со заштита на производите како трговски марки

96

Компаниите кои имаат седишта во општините надвор од Скопје многу малку ги заштитуваат своите производи како трговски марки-брендови, па надлежните институции прават обид да ги советуваат фирмите како да ја заштитат својата работа.

Државниот завод за индустриска сопственост периодов во соработка со локалните самоуправи одржува семинари за стопанственциите со цел да им ја објасни процедурата како се заштитуваат нивите производи или услуги.

-Заштита на трговска марка или друго право не е е задолжително. Ние советуваме дека тоа е пожелно, со цел да се заштити нивниот производ и марка за да не биде злоупотребен. Пример вие ќе лансирате еден производ и за неколку години тој ќе стане реномиран и препознатлив на пазарот. Ако некој друг некаде во некој подрум ќе почне да го произведува истото со многу полош квалитет, се рефлектира и на вашата продажба. Во смисол може да опадне продажбата доколку потрошувачите ги стави во заблуда дека оваа компанија почнала да произведува неквалитетно. Автоматски се руши реномето-изјави Али Асани, државен советник за индустриска сопственост при државниот завод.

Градоначалничка Теута Арифи смета дека е важно тетовските компании да ги заштитуваат своите производи.

-Имаме многу компании, но искуството покажува дека освен во Скопје во сите други делови на Македонија компаниите помалку се заштитуваат, иако не е многу скапо, а е многу вредно. Се надевам, дека што повеќе копании ќе ги брендираат нивните производи-рече Арифи.

Во Македонија има околи 30 илјади трговски марки, претежно меѓународни, од Скопје се 10-тина илјади, додека надвор од главниот град се многу малку, велат од Заводот.

Во Тетово се бележат 282 трговски марки. Исто така претежно странски компании ги регистрираат изумите-патенти во 2016 имало 943, во 2017 имало 1.003, додека до мината седмица 672 пријави за оваа година.