Половина училишта без спортски сали а се најавуваат тандем наставници на часовите по физичко

199
Фото: Зоран Антоски

Дека нашава земја по многу нешта е специфична, зборува и најавата часовите по физичко да ги водат тандем наставници, визија која може да заживее само во помал број градови и општини, каде повеќето училишта имаат спортски сали. Тоа не е случај со општини како Кичево и слични на неа, каде повеќето училишта се без спортски сали, односно од девет основни училишта дури пет немаат спортска сала.

Повеќето просветни работници ја одобруваат оваа идеја, но за нејзина имплементација неопходна е соодветна инфраструктура.

– Нашето училиште, според бројот на ученици, е најголемо во општината со 1400 ученици. Наставата се следи на три локации во три засебни училишни згради. Така учениците кои ја следат наставата во населба Пашино немаат спортска сала, а станува збор за над 500 ученици. Ист случај е со најстарата зграда од нашето училиште, каде наставата ја следат околу 150 ученици и која не располага со соодветен објект за спортски активности – истакна Јонуз Пињоли, директор на ОУ „Санде Штерјоски“ во Кичево.

Со ист проблем се соочува и училиштето во село Грешница, каде наставата ја следат ученици од повеќето соседни села, но најкарактеристичен случај е второто по големина училиште во градот и општината, ОУ „Кузман Јосифоски Питу“, каде наставата ја следат над 700 ученици и каде сѐ уште не е изградена спортска сала а училиштето работи речиси шест децении.

Состојбата не е подобра со училиштата во поранешната општина Осломеј, кадешто спортска сала нема ниту едно од трите централни основни училишта и за учениците во овие училишта часовите по физичко се сведени на активности во училница.

-Во трите подрачни основни училишта во нашиот регион, во селата Србица, Јагол Доленци и Стрелци, ниту едно училиште нема спортска сала. Поради недостигот на спортски сали, учениците се оневозможени часовите по физичко да ги одработуваат како што доликува во 21 век. Од тие причини учениците од трите  училишта во зимскиот период се приморани пасивно да ги пополнуваат  часовите по физичко, без реални можности за физичка активност – вели Иса Незири, вработен во Општина Кичево, а поранешен просветар.

Сѐ уште е рано да се потврди дали најавените спортски сали ќе се имплементираат или не. Недостатокот на фискултурни сали не е својствен само за општина Кичево, туку ваков дефицит е присутен и низ повеќето општини во државава.
З.А.