Подобрени условите во училиштето во битолското село Лопатица

367
Фото: Васка М. Младеновска

Мувла, влага и распаднати ѕидови во тоалетите, оштетени училници и саѓи по ѕидовите и таваните, беа дел од досегашната слика на подрачното основно училиште во селото Лопатица, во состав на ОУ „Александар Турунџев“ во Кукуречани. Сега, училиштето доби нов лик и подобри услови за одржување на настава на учениците од прво до петто одделение, откако со средства од Општина Битола беа извршени неколку интервенции.

– Во ова училиште имаше ужасни санитарни јазли кои што предизвикуваа проблеми и во самата конструкција на зградата. Се изврши целосна реконструкција на санитарните јазли, на довод и одвод, како и целосна санација на ѕидните плочки, така што комплетно овој простор доби поинаков изглед, онаков каков што доликува во секоја образовна институција. Дополнително, со свои средства, општината изврши бојадисување на внатрешниот дел од училниците и набавка на нови печки за затоплување на училниците. Над 230.000 денари се вложени досега само во ова училиште, а ќе следуваат и зафати со промена на врати, што потврдува дека приказната не завршува тука, особено кога станува збор за нашите најмили – рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Директорката на училиштето Бранка Лазаревска информираше дека наставата во ова училиште се одржуваше во една комбинирана паралелка, во која учеа ученици од прво до петто одделение.

– Баравме поделба и успеавме да најдеме начин да биде поделена паралелката. Сега наставата се одвива во две комбинирани паралелки, што овозможува многу поквалитетна настава за 14-те ученици во училиштето – истакна директорката Лазаревска.

Паралелно со овој проект, Општина Битола аплицираше и обезбеди средства за уредување на излетничко место во селото Лопатица, со што ќе ја зголеми атрактивноста на оваа локација, на патот Битола-Демир Хисар.

М.М.