Подигнато нивото на водотеците во Kичевско, но засега нема опасност од излевање

230
Фото: Зоран Антоски

Врнежите од дожд кои во кичевскиот регион беа поинтензивни во изминатите два дена, придонесоа да порасне водостојот на реките, но поради долготрајната суша речните корита се уште не се доволно полни за да дојде до нивно излевање. Најголемата река во регионот Треска, се уште е далеку од времето кога често се излеваше и крајречните жители барем засега можат да бидат спокојни.

– Долготрајната суша до тој степен ја испразни најголемата наша река Треска, што нејзиниот водостој по дводневните врнежи воопшто не се промени. Мора да врне многу посилен дожд во подолг период, за да почне коритото на Треска забрзано да се полни и да предизвика излевање од нејзиното корито. Засега сме спокојни и да очекуваме и наредните денови Треска да има стабилен водостој без опасност од излевање. Овој дожд е добредојден за есенските посеви бидејќи ја зголеми почвената влага – вели Ќемаил Сами, од село Лисичани.

Инаку, овие дождови ја зголемија штедроста на изворот на Треска, што е добредојдено за рибниците на извориштето, за да можат без потешкотии да егзистираат, за разлика во претходниот период кога беа на границата на опстанокот. З.А.