Повеќе најави отколку реални проекти за Попова Шапка

133

Пристигнувањето до зимскиот центар Попова Шапка, во било кој период од годината,
претставува еден предизвик, со оглед на оштетениот коловоз кој води дотаму, како и на улиците низ викенд населбата и хотелите. Делницата од Тетово кон Попова Шапка на одредени места се стеснува и поради појави на свлечишта на земјата, оштетувања на асафлтната маса, како и дупки. Во уште полоша состојба се улиците низ центарот кои се уште повеќе оштетени покрај регионалниот пат.

Претставниците на локалната и центалната власт на прашањата, дали и како ќе се подобрува состојбата, со најави дека во иднина се можни реконструкции на регионалната делница, како и на улиците на Попова Шапка. Сепак, нема конкретен рок, во однос дали тоа би се направило во текот на оваа летна сезона која е погодна за изведување на таков тип на градежни работи.

Директорот на јавното претпријатие Зоран Китанов изјави дека патот кон Попова Шапка е дел од програмата за реконструкција на повеќе патишта.

– Преку Светска банка имаме реконструкција на 12 патишта, некаде вкупно 150 километри и 14 милиони евра. Еден од тие патишта е Тетово-Попова Шапка – изјави Зоран Китанов, директор јавното претријатие за државни патишта.

Во општина Тетово кои се надлежни за викенд населбата, велат дека аплицирале за средства да добидат од Владата. Ќе ги поправале улиците доколку добијат пари од
државниот буџет. Градоначалничката смета дека состојбата на Попова Шапка е од
важност не само за градот, туку за целата држава.

– На повикот што Владата го објави, и што траеше до средина на мај, општина Тетово заедно со Центарот за развој на полошкиот плански регион се пријави со проект за реализација на канализација и на комплетно реновирање на патот до викендичките на Попова Шапка. Исто така, предвидена е реализација на отворениот паркинг на оваа локација. Вредноста на проектот со која ние сме конкурирале е еден милион евра и веќе ја помина првата фаза на квалификација. Одиме на втората фаза на квалификација. Се надевам дека ќе има слух, имајќи го предвид фактот дека се работи за туристичка дестинација која е важна за општина Тетово, бидејќи е најблиска, а важна е и за државата, бидејќи скијачкиот центар е најблиску до скопскиот аеродром – истакна градоначалничката Теута Арифи.

Во неодамнешна посета на Тетово на трибина премиерот Зоран Заев најави дека
државната компанија ЕЛЕМ, која менаџира со центарот од 1999 година, веќе нема да
стопанисува со скијачките терени.

– Не може ЕЛЕМ која прави струја да средува скијачки патеки. Ќе се направи како секаде во светот, ќе се даде на концесија на џинови компании кои ќе имаат обврска да
инвестираат во модерен скијачки центар – најави Заев.

Минатата централна власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во 2012 година усвои мастер
план за Попова Шапка, кој предвидуваше изградба на нови хотели, жичници,
паркиралишта. Но, понатаму планот не се реализираше. А.С.