Плакети и благодарници за јубилејните крводарителите од Кичево

187

Со мала свеченост денеска во Општинската организација на Црвениот крст од Кичево, на јубилејните крводарители од оваа општина, им беа доделени благодарници и значки. Признанија добија крводарителите кои дарувале крв 5, 15, 25, 50 пати. Крводарителите кои својата рака ја подале 50 и повеќе пати, за големиот придонес во областа на хуманоста добија и плакети и по еден нотес.

Во оваа група крводарители беа вклучени четворица граѓани и тоа, Марјан Дамјаноски, Газмент Фејза, Дончо Данилоски и Зоран Лазески.

-За прв пат крв подарив кога имав само 15 години, кога на мој пријател му беше неопходна крв од мојата крвна група. И од тогаш, поточно, од 1979 година, до денес имам забележано 52 крводарувања, а имајќи ја во предвид мојата возраст од само 52 години, сметам дека уште многу пати ќе дарувам крв и ќе спасам многу животи- рече Зоран Лазески.

Неговиот колега од РЕК „Осломеј“, Дончо Данилоски, во 50 наврати подарил дел од својата драгоцена течност и како што самиот најави ќе продолжи со хуманата мисија и дарување на крв.

-Имам 59 години и во крводарувањето сум активен полни 40 години, поточно за прв пат подарив крв во 1978 година и, од тогаш до денес континуирано сум вклучен во овие хуманитарни акции. Сметам дека државата треба да води повеќе сметка за крводарителите, како што тоа беше во времето до деведесеттите години, кога преку синдикатот добивавме златници и други признанија, како благодарност за нашата вклученост во крводарувањето- истакна Данилоски.

Инаку 10 крводарители кои над 25 пати ја подале својата рака, добија благодарници и значки. Благодарници добија и сите институции кои беа вклучени во организирање на крводарителни акции на своите вработени во текот на претходната година. З.А.