Пензионерите и годинава ќе се снабдат со огревно дрво на осум рати

78
Испораката на огревното дрво ќе биде од април до септември

Кичево

Како и претходно, така и годинава кичевските пензионери имаат можност со огревно дрво да се снабдат преку Здружението на пензионери од овој град на осум еднакви рати. Интересот на пензионерите е голем, па, така, годинава запишуваат и двојно поголеми количества огревно дрво, за разлика од претходните неколку години. Испораката на огревно дрво ќе се врши преку подружницата на ШС „Лопушник“ од Кичево, во периодот од април до септември.

– За да ја им ја олесниме набавката на огревно дрво на нашите членови и годинава им овозможивме со оваа суровина да се снабдат на осум еднакви рати. За една рата дабово дрво ќе треба да платат по 2.200 денари, додека ратата за буково дрво е нешто помала и изнесува 2.130 денари. Пензионерите што ќе сакаат да запишат цел камион, нивната рата ќе биде двојно повисока односно 4.400 за дабово и 4.260 за буково дрво. Во цената на чинење вкалкулиран е и истоварот на дрвата на адресата на нарачателот. Испораката на огревното дрво ќе се изврши во периодот од април, а најдоцна до средината на септември, а се чинат напори целокупната операција да заврши пред предвидениот рок. Според почетниот интерес, годинава се очекува бројот на пензионери што ќе се запишат за дрва на рати да биде и двојно поголем.

Зголемениот интерес се должи на сигурноста што ја имаат нашите членови во однос на времето и квалитетот на испораката. Не само што нашите членови запишуваат вообичаени количества од половина камион, не е мал бројот на пензионерите што ги дуплираат своите количества. Испораката на огревното дрво за нашите пензионери ќе ја изврши подружницата на ШС „Лопушник“ од Кичево – велат од Здружението на пензионери од Кичево.

Инаку покрај кичевските пензионери, под исти услови од оваа подружница дрва ќе им бидат испорачани и на пензионерите од најголемите градови во земјава.