Отруени повеќе бездомни кучиња на улиците низ Тетово

94

Жителите на Тетово на социјалните мрежи објавија фотографии од пцовисани бездомни кучиња. Во коментарите пишуваат дека кучињата најверојатно се отруени со оглед дека безживотно лежат со пена на устата и во сопствениот измет, што се карактеризира како последица на пробана храна со отров.

-Рутинско чистење на кучињата во градот по видеo снимките појавени пред неколку дена на кои видовме група кучиња кои шетаат низ центарот на Тетово. Никој не бил крив и не одговара што толку бездомни животни има на улиците. Никој не е крив и нема да одговара што употребил отров кој за 5 минути во најстрашни маки може да убие возрасен човек, а камо ли дете. Видете ги, во сопствен измет и локви крв. Никој не е крив и нема да одговара што ги фрлил на улица, веројатно товарени во комбиња, префрлани од една општина во друга. Никој не е крив и не одговара што се води хајка врз животните – само тие се криви што се живи во Република Македонија, реагираат од здружението за заштита на животни „Анима Мунди“.

Според информации на граѓаните, пцовисани кучиња има на неколку улици во центарот на Тетово. По одредено време пцовисаните трупови се подигнати од вработените во комуналното претрпријатие.

Изминатиот период граѓаните алармираа дека глутници бездомни кучиња се движат низ градот и напаѓаат. Општина Тетово на седница на Совет на 31 октомври донесе одлука да се гради стационар и соодветно да се третираат бездомните кучиња.

А.С.