Отворен „Инфо параглајдинг центар“ во Крушево

280

Во центарот на Крушево денеска е отворен „Инфо параглајдинг центар“ кој ќе нуди комплетни информации за параглајдеристите што доаѓаат од цел свет во Крушево но и на сите спортисти кои ќе уживааат во авантуристичкиот туризам во Крушево.

Според Игор Тодески, центарот ќе го зголеми авантуристичкиот туризам во Крушево.

– Центарот ќе овозможи лесен пристап до информации за сите потенцијални туристи. Крушево прераснува во светска дестинација за параглајдерство. Во изминатиот период Крушево се најде во сите светски познати списанија. Ќе продолжиме со други проекти за Крушево да остане атрактивна туристичка дестинација- вели Тодески.

Центарот е отворен со поддршка на програмата на Швајцарската влада, од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот на Македонија, од крушевската локална самоуправа и од локалниот клуб за воздухопловни спортови „Хели клуб“ од Крушево.

Инаку во соработка со швајцарската, германската и со австриската воздухопловна федерација се работи на проект за обука на десет млади крушевчани кои ќе станат нови параглајдинг-пилоти и ќе добијат комплетна опрема.

За градоначалникот на Крушево Томе Христоски Центарот се отвора во вистинско време зашто сега почнува сецоната на авантуристичките спортови и годинава Крушево очекува за 30 насто зголемен број туристи.

– Ги прошируваме содржините и сместувачките капацитети во Крушево. Веќе имаме закажано неколку интернационални параглајдинг натпревари како што се: англиското првенство, „ПП купот“, на 8 јули почнува европското и светското првенство во змејарство. Крушево е веќе на светската мапа за авантуристички туризам и очекуваме зголемен број туристи за 30 насто.

Според Љупчо Јаневски директор на Агенмцијата за поддршка и промоција на туризмот во Македонија, Крушево ги има сите услови за развојот на туризмот.

– Јасна е определбата на Агенцијата да ги негува и да ги промовира другите, атернативни форми на туризам. Крушево е дестинација за четири сезони и обновувањето на параглајдинг полетувалиштето на Мечки Камен е јасната порака на Агенцијата за поддршката во континуитет за активниот туризам во Крушево. Ја поздравувам иницијативата за ортворањето на Инфо-центарот за активните форми на туризам. Тоа ќе помогне за развивање на овој вид туризам и во другите региони. Инаку со овој вид туризам Македонија ќе биде претставена во 13 земји- вели Јанески.

Антонио Кузманоски нагласи дека од вечер па до недела Крушево е домаќин на фестивалот „Кога си во Крушево“ кој нуди богати содржини.

– По втор пат го одржуваме овој фестивал „When in Krusevo“ во околината на крушевското езеро. Ќе имаме богата програма, имаме преку 500 пријавени гости, настап на музички ѕвезди, ди-џеи, групи од земјава и од јамајка, Америка, а секако ќе се одржат и планински трки. Ќе бидат поставени кампови. Вечерашното отворање е со Игор Џамбазов и „Гуру харе“. Ќе има и тандем параглајдерски летови. Фестивалот има три главни концепти: спорт, забава и култура. Ќе има посета на крушевските музеи, дегустација на крушевски специјалитети- рече Кузманоски како органиозатор на Фестивалот.