Отворена Спомен соба на Глигоров во Штип

82

Глигоров е несомнено еден од великаните на современата историја на Македонија и на вековниот стремеж на македонските граѓани за самостојност, истакна премиерот Зоран Заев во својот говор на денешното свечено отворање на Спомен собата на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров во Штип. 

Тој забележа дека Глигоров со учеството во НОБ и АСНОМ и двата претседателски мандата речиси половина век беше на врвот на македонската политика.

– Дел од неговиот сон беше да ја види Македонија како рамноправен дел од европското и светското семејство на држави и нации. Во тоа време, Македонија влезе во ООН и во сите важни меѓународни организации. Токму во тоа време Македонија почна да го оди патот на интегрирање во НАТО и ЕУ. Две децении подоцна, по сите голготи низ кои поминавме се наоѓаме пред самата цел на втората етапа, на самиот праг на остварување и заокружување на таа визија. Македонија – суверена и самостојна. Македонија на запад – дел од НАТО и ЕУ. Македонија-просперитетна, земја која оди напред и отвора нови можности за нејзините граѓани, рече Заев.

Во Спомен собата на првиот претседател Киро Глигоров сместена во Општинскиот мултимедијален центар што го носи неговото име,  се презентирани неговите лични предмети, фотографии, документи, ордени и признанија кои му биле доделувани во текот на неговата долгогодишна политичка кариера. 

Во трајна сопственост на градот Штип и на Општинскиот мултимедијален центар „Киро Глигоров“ им ги отстапува неговата ќерка Донка Глигорова, која на денешнто свечено отворање на Спомен собата рече дека Глигоров каде и да одел секогаш бил штипјанец. 

– Имаме едно катче во родниот град на татко ми, којшто секогаш бил штипјанец, каде и да живеел и работел по светот. Секогаш го имал Штип во себе и така било и кај нас дома. Секогаш сме знаеле дека од овде потекнуваме, рече Глигорова.

Градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски истакна дека денеска е голем ден за Штип и за штипјани, бидејќи му ја оддаваат должната почит на својот сограѓанин, татко на нацијата, првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.

– Денеска е празник на градот, затоа што со отворањето на оваа Спомен соба покажуваме гордост, достоинственост и зрелост со тоа што му оддаваме признание на нашиот виден и истакнат сограѓанин. Ние, штипјани ги цениме вистинските вредности и ги почитуваме вистинските македонски херои и патриоти. Затоа минатата година постхумно му го доделивме одличјето орден „Свети Никола“ на претседателот Глигоров. Со достојна почит и пиетет продолжуваме да се сеќаваме на него и на неговата суштинска значајна улога во осамостојувањето на нашата земја и влогот со кој не задолжи, рече Бочварски.

Според Виктор Габер од Дипломатскит клуб на Македонија, најголемата заслуга на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров е етаблирањето на Македонија на меѓународен план, како рамноправна членка на ООН и на останатите меѓународни организации. 

– Сеќавањето за неговите меѓународни активности за нас дипломатите беше извонредна  можност да учиме, да напредуваме и да си ја сакаме оваа земја и затоа што сме многу горди што живеевме и работевме со претседателот Глигоров, рече Габер.

Новоизградениот Мултимедијален центар во Штип, кој го носи името на Киро Глигоров е изграден со европски пари.