Осум години откако изгоре „Копанки“, не е обновен и покрај ветувањата

1155

За неколку дена ќе се навршат точно осум години откако на 28 јануари 2013 година до темел изгоре планинарскиот дом „Копанки“. Но иако уште другиот ден по пожарот, кој буквално до темел го пеплоса „Копанки“, тогашниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, со својот експертски тим од Општината се искачи на „Копанки“ и вети негова експресна реконструкција, па дури и изградба на нов хотел на тоа место, оттогаш нема ништо и „Копанки“ сѐ уште не е обновен.
Домот не успеа да го реновира ниту актуелната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска, на која оваа година исто така ѝ завршува мандатот и која иако на изборните митинзи говореше дека нејзина огромна желба е уште првата зима откако ќе седне на градоначалничката фотелја да го испие планинскиот чај во планинарскиот дом „Копанки “, за жал, од тоа засега нема ништо.
Советот на Општината издвои од буџетот за негова реконструкција 100 илјади евра. Ни најголемите песимисти не веруваа дека Битола за осум години нема да најде сили да го обнови опожарениот дом „Копанки“, а за да биде поголем револтот на битолчани, и за време на мандатот на Талески и сега за време на мандатот на Наташа Петровска, беа обезбедени пари за обнова на домот, а во Битола имаше и ентузијасти што со доброволни прилози и ударнички акции, како што во 1936 година беше изграден домот, да се вградат во неговата изградба и да го обноват, но беа спречени да го сторат тоа. Надлежните локални власти во Битола, наместо да се зафатат со обнова на опожарениот планинарскиот дом, правно се надмудруваат и докажуваат чиј е домот и дали тој бил дива градба или легален.

Во изминатите неколку години судбината на „Копанки“ (не) се решава во надлежните локални и државни институции, поточно во локалната самоуправа и Министерството за транспорт и врски. Откако градоначалничката Петровска им го одзеде домот на ПСК Пелистер, тој влезе во правни процедурални постапки, а како што стојат работите за неговата судбина, како што велат некои планинари, ќе одлучува судот, но не во Македонија, туку во Стразбур.
Имено, по преземањето на локалната власт, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, го поништи решението за легализација на домот, кој му беше даден на управување на ПСК Пелистер. Кога се мислеше дека по усвојувањето на жалбата на ПСК Пелистер, во врска со донесеното решение на Општина Битола, за делумно поништување на решението за легализација на планинарскиот дом „Копанки“ на ПСК Пелистер, случајот се ближи кон својот крај, тој уште повеќе се заплетка и повторно се врати на почетокот.
Имено, по усвојувањето на жалбата на ПСК Пелистер, Општина Битола донесе ново решение, со кое целосно го поништи своето претходно решение, со кое планинарскиот дом „Копанки“ беше легализиран кога градоначалник на Битола беше Владимир Талески.

Имено, службите на Општина Битола пронашле дека во претходната постапка неправилно било утврдено правото на сопственост, односно дека ПСК Пелистер не бил имател или сопственик на бесправниот објект и поради тоа не можел да биде подносител на барање за утврдување на неговиот правен статус. Ваквото ново решение на Општината предизвика револт кај членовите на ПСК Пелистер, кои сметаат дека со најновото решение Општина Битола едноставно сака, по пат на политичка моќ и сила, не само да им го одземе домот туку и да го укине ПСК Пелистер, клуб со осумдецениска традиција.
– Ние имаме комплетна документација дека „Копанки“ е наш дом. За тоа поседуваме документи дури од 1936 година, издадени од Архивот на Југославија, додека Општина Битола нема никаков документ со кој може да ни го одземе објектот. Ние немаме намера да се откажеме од домот, зашто тоа им го должиме на илјадници планинари и планинарски работници што ги вградија своите животи во неговата изградба и одржување. Тој е наш од 1936 година и наш ќе остане – велат од ПСК Пелистер.
Со таквото толкување не се согласуваат од Општина Битола, кои тврдат дека „Копанки“ е нешто што им припаѓа на битолчани и по ниту една основа нема да дозволат да помине незаконитоста што била направена кога Талески им издал решение на членовите на ПСК Пелистер за легализација, со што практично тие го приватизирале домот.

– Без разлика на политичката цена, нема да попуштам. Никој, ама баш никој не може да го става како заложник народот за лични интереси – изјави по оспорувањето на легализацијата на домот градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
И како што се претпоставуваше по таквиот „дијалог на глуви“ помеѓу локалната власт и раководството на ПСК Пелистер, за судбината на домот најверојатно ќе одлучи судот. Но дотогаш домот не може да се реновира. Доброволните акции на планинарите за негова обнова се прекинати и, на разочарување не само на планинарите туку и на сите љубители на планината, тој е урнатина. За состојбата во која се најде „Копанки“, градоначалничката Петровска против бившиот градоначалник Владимир Талески и другите службени лица инволвирани во овој случај поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба при донесувањето на правниот акт за легализација на планинарскиот дом.
Пред неколку години Петровска испрати молба до судските органи што побрзо да го расчистат овој случај со легализацијата на „Копанки“, но, за жал, ни од пријавата нема ништо и сѐ уште не се знае дали таа ќе има судска разврска. Инаку, домот изгоре пред осум години, поточно на 28 јануари 2013 година, и сѐ уште не е обновен.