Основните училишта подготвени за настава со присуство на учениците

171

КИЧЕВО

Како што се ближи почетокот на учебната година, се интензивираат подготовките во сите основни училишта во Општина Кичево. Директорот на училиштето „Санде Штерјоски“, Јонуз Пињоли, во кое настава следат 1.483 ученици, вели дека спровел сѐ што било пропишано од Министерството за образование и наука за заштита од ковид-19.
– Извршивме целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација на сите пет училишни објекти. Во најголемата училишна зграда во градот ги реновиравме санитарните јазли, во сите училишта поставивме патокази на подот, како да се однесуваат учениците кога не се во училница, за да се држи прописно растојание за безбеден престој и движење во училиштето. Во сите училници на секоја клупа е поставено по едно столче, а во една училница наставата можат да ја следат најмногу 20 ученика, што е во согласност со протоколите. Ако се дозволи физичко присуство во сите одделенија, тогаш наставата ќе се одвива во три смени, во спротивно истата таа ќе се одвива во две смени – вели Пињоли.
Во училиштето има посебна просторија за изолација во случај да има дете или вработен со симптоми на ковид-19.

– Баравме од родителите да се изјаснат за каков модел на настава на нивните деца се заинтересирани. Нивниот одговор во 82 проценти беше наставата да започне со физичко присуство на нивните деца, што е јасен сигнал дека мнозинството бара да започнеме со настава како пред короната. Исто така во сите училишта, на повеќе локации, се поставени средства за дезинфекција на рацете, а при влез во училиштата на учениците задолжително ќе им се мери телесната температура – додаде Пињоли.
Во „Фаик Коњица“ во селото Грешница, настава следат 176 ученици од Грешница и од околните села.
– За да обезбедиме целосна сигурност на учениците и вработените во нашето училиште, ги презедовме сите мерки за безбедно одвивање на настава со физичко присуство на сите ученици. Во сите училници се поставени ограничен број клупи и столчиња за по еден ученик, каде што настава можат да следат најмногу 20 ученици со пропишано меѓусебно растојание од два метри. Целосно ги преуредивме санитарните јазли, а дезинфекција извршивме на сите простории во нашето училиште,на подот поставивме налепници што јасно укажуваат за одржување на пропишаното растојание при движење и безбедно одвивање на наставата.

Во сите делови каде што е неопходно тоа, се поставени средства за дезинфекција на рацете, а при влез во училиштето на сите ученици и наставници ќе им се мери телесната температура, за да нема стравување за преостанатите присутни во училишната зграда. Со сите активности што ги презедовме на терен, очекуваме нашето училиште да добие зелено светло за настава со физичко присуство, што го посакуваме, како ние вработените наставници и учители, така и учениците и нивните родители – рече директорката Флорие Ќерими.
Директорот на училиштето во селото Гарани, Кујтим Касами, ни ги предочи сите активност што се спроведени во училиштето „Милто Гура“ за безбеден престој и одвивање на наставата со физичко присуство на учениците.