Осветлување на влезот кај Ново Село

55

Општина Штип започна со осветлување на еден од влезовите во градот, односно влезот од Радовиш и Струмица кон Штип, кај Ново Село. Според веќе предвидениот проект, ќе бидат поставени 22 столба, високи по девет метри, на кои ќе светат лед-светилки. Столбовите ќе бидат распоредени во должина од над 600 метри, односно од мостот кај Ново Село, до училиштето „Искра“. Како што појаснуваат од локалната самоуправа на Штип, се работи за значајна инвестиција, која ќе биде од корист за жителите на Ново Село и ќе го потврди епитетот на Штип – центар на источниот регион.

– Ова е значајна инвестиција за граѓаните затоа што Штип како центар на истокот треба да го покаже тоа и на дело. Се работи за инвестиција од над 1,7 милион денари со вклучен ДДВ, која ќе го подобри осветлувањето на влезот на градот – вели градоначалникот на Штип Благој Бочварски.
Дополнително ваква инвестиција е направена и на влезот во градот од Скопје и од Велес, односно кај Кампус 4, што значи дека влезовите на Штип добиваат нов лик.