Осветена новоизградена црква во тетовски Јелошник

567

Црквата посветена на Вознесение Христово, во народот познато како Свети Спас, во тетовското село Јелошник, по 18 години поминати во градба, денес беше осветена. Чинот на осветување го изврши митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение со свештенослужители од тетовското архиерејско намесништво.

-Денес е голем ден за Вас жителите од селото Јелошник, но и за сите христијани од полошкиот крај, бидејќи христијанската радост е соборна радост, благодатната радост која денес произлегува од осветувањето на овој новоизграден храм е радост која од Јелошник се разлева на сите страни од нашата епархија, рече пред присутните верници, митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф.

Црквата посветена на Вознесение Христово e соновидение на Блашко Србиновски, кој потекнува од Јелошник. Вели конечно го дочекал овој ден на осветување на храмот кој двапати му се сонил.

-Соновидението прво ми е од 3 јули 1992 година. Во сонот, одам на кај Јелошник на карпата гледам дека има објект. На другар ми му кажувам : Љубе гледај изградиле црква. Тој во сонот ми вели, па каде е. Кога се завртев гледам огромен човек, кој ми нареди да ја доградам. Тоа беше сонот. Почнавме да ја градиме во 2000. Беше рушена во 2001. Во 2014 повторно сонив па продолживме да градиме изјави, Блашко Србиноски.

Членовите на црковно-иницијативниот одбор денес со најголема радост зборуваа за осветувањето на храмот. Велат, досега многу се имаат вложено, но ги чека уште доста работа.

– Радоста е голема подготовките траеја две години, се ангажиравме целиот одбор и успеавме да се доврши. Преостанува да се уреди просторот околу црквата и понатаму една трпезарија да се направи да се празнува Спасовден тука, изјави Миле Спасовски, член на црковниот одбор.

Јелошник е село во општина Теарце, без постојани жители. Се наоѓа на надморска висина од 542 метри.
A.С.