Општина Прилеп работи на подобрување на условите за престој на сите ранливи категории

66

Светскиот ден на лицата со церебрална парализа, 25 Март, денеска беше одбележан во Дневниот центар за лица со церебрална парализа – Прилеп, при што беше изведена пригодна програма, во која учествуваа и лица кои ги користат услугите на Дневниот центар.

Градоначалникот Илија Јованоски, го истакна значењето од постоењето на Дневниот центар, чии резултати во работата со лицата со церебрална парализа во изминатите девет месеци, колку што постои Дневниот центар, се евидентни.

Според него, локалната самоуправа размислува за понатамошно зголемување на просторните капацитети и на овој центар, но и на другите простории на здруженијата на лица од ранливите категории на граѓани.

– Општина Прилеп врши промена на Деталниот урбанистички план за изградба на нова детска градинка во населбата „Точила“, каде што постои можност да биде изграден и Дневен центар за лицата со посебни потреби – вели Јованоски.

Директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Прилеп, Живко Сиљаноски посочи дека по девет месеци, резултатите се видливи.

– Во фаза сме на кадровско доекипирање, треба да бидат издадени и лиценци за вработените за работа со оваа категорија. Како што овој центар стана еден вид посебна организациона единица на Центарот за социјална работа, ќе овозможиме тоа да биде и некој трет и четврти, согласно афинитетите и проблемите на соодветната ранлива категорија – нагласува Сиљаноски.

Задоволството од функционирањето на Дневниот центар го искажаа и родителите чии деца ги користат услугите кои тој ги нуди, кои рекоа дека нивните деца со големо задоволство доаѓаат тука, и дека кај нив е видлив напредокот од престојот во центарот и работата со стручните лица. Ка.М.