Општината набави моторни чистачи за снег

61
„Охридски комуналец“ ја поднови механизацијата за зимски услови

Општината Охрид набави десет нови моторни чистачи на снег со дувалка. Во јавното претпријатие „Охридски комуналец“ веќе беа презентирани новите помагала за чистење снег. Во рамките на презентацијата беше извршена и обука на вработените од јавното претпријатие како да се ракуваат со новата механизација. Практично, чистачите на терен ќе се испробуваат во првата пригода кога ќе падне снег. Вкупната вредност на набавката изнесува 755.200 денари.

Од општината Охрид велат дека моторните чистачи ќе придонесат за полесно и поефикасно расчистување на снегот на пешачките и велосипедските патеки и тротоарите. Тоа не само што ќе им ја олесни работата на вработените туку за граѓаните ќе овозможи и почисти јавни површини во зимски услови.