Општината доби донација од 8.000 бесплатни заштитни маски

89
Заштитните маски од денеска ќе им се делат на граѓаните

Гевгелија

Општина Гевгелија доби донација од 8.000 заштитни маски што ќе бидат наменети за потребите на граѓаните, а на тој начин ќе им се помогне во набавката на помошни заштитни средства за спречувањето на ширењето на коронавирусот.
– Апелирам до граѓаните да не се шири фамата за недостиг од заштитни маски, бидејќи Општина Гевгелија преку донацијата обезбеди доволно заштитни маски. Повикувам на смиреност и трезвеност во овие сериозни моменти за нашата земја, вклучувајќи ја и Општина Гевгелија – вели градоначалникот Сашо Поцков и нагласува дека маските ќе бидат дистрибуирани до сите граѓани во општината.

Надлежните информираат дека, почнувајќи од денеска, во периодот од 10 до 16 часот секој ден, бесплатните заштитни маски ќе се делат на посебен пункт поставен на градскиот плоштад, пред супермаркетот „Кит-го“. Маските на граѓаните ќе им ги делат волонтерите на невладината организација „Чејнџмејкерс“, која се вклучи во реализацијата на оваа акција на Општина Гевгелија. Исто така, маски ќе се достават и до сите села во околината на Гевгелија.