Општата болница и Здравствениот дом во Кичево ќе се спојат

203

Денес во посета на Општата болница и Здравствениот дом во Кичево, беше државниот секретар за здравство Владимир Милошев, при што оствари средба со директорката на општата болница и со директорот на здравствениот дом, а имаше средба и со поширокиот колегиум на оваа здравствена установа.

– При денешната посета на Општата болница и Здравствениот дом во Кичево, имаме неколку теми за разговор пред се за реформскиот процес кој што го спроведува Владата на Република Македонија, околу спојувањето на овие установи, онаму каде што ќе покажат анализите дека е оправдано и возможно. Вториот дел од денешната посета ќе биде разгледување на постоечките објекти во болницата и третата работа е да ја посетам новата зграда на болницата која е во изградба – рече Милошев.

Тој најави продолжување на градежните работи на недоизградениот објект.

– Министерство за здравство прави сериозни подготовки околу продолжување на градежните работи на недовршениот објект и негово комплетно завршување. Веќе сме во фаза за започнување на втората фаза на доизградба на објектот, а неговото довршување ќе чини околу 330.000.000 денари и само за годинава Министерството за здравство за оваа намена обезбеди околу 70.000.000 денари. Во втората половина од оваа година ќе продолжат работите на новиот објект, а истиот се очекува да се финализира во 2020 година – заврши државниот секретар Милошев.

З.А.