Опремата за киното „Манаки“ пристигна, фестивалот одложен

59

Битола

Непредвидливоста на пандемијата на коронавирусот, која веќе неколку месеци целосно ги смени не само однесувањето туку и животот на граѓаните, со целата своја сериозност се потврди и со (не)одржувањето на претстојниот јубилеен, 40-ти по ред, фестивал на филмската камера „Брака Манаки“. Кога сите помислија дека короната ќе го одмине одржувањето на фестивалот „Браќа Манаки “ и кога во Битола конечно почна да пристигнува опремата за проекција на филмовите во новото кино „Манаки“, кое седум години се гради на Широк сокак, веќе следниот ден, како гром од ведро небо стигна информацијата од раководството на фестивалот дека годинашниот интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ нема да се одржи и дека годинава првпат битолчани и љубителите на филмската уметност во Битола нема да поминат на црвениот килим. Ваква одлука донесе Друштвото на филмските работници (ДФРМ) на своето последно собрание. Оттаму информираа(т) дека поради пандемијата, фестивалот годинава нема да има гости и програма како изминатите 40 негови изданија.

Одлуката за откажување на „Браќа Манаки“ доаѓа откако голем број филмски фестивали од А-категорија, вклучувајќи ги Кан, Карлови Вари, Локарно и други беа откажани поради состојбата со пандемијата. Иронијата да биде поголема, ден пред откажувањето на фестивалот во Битола пристигна опремата за киното „Манаки“, која е набавена од проектот „Кинокултура“.
Со овој проект е набавена опрема: проектор, проекциско платно, аудиоопрема, лаптоп, кабелска инсталација и друга опрема. Во договорот е предвидена испораката на опремата, инсталацијата, обука на персонал што ќе ракува со неа, како и постпродажна услуга за киноопремата, која е адекватна за проекции во отворен и во затворен простор. Вредноста на опремата изнесува 64.215 евра. Инаку за ентериерно уредување на киното „Манаки“ се обезбедени 7.616.554 денари преку Министерството за култура.
– Иако поради состојбата со коронавирусот проектните активности за опремување на киното „Манаки“ се одолжија, сепак истите тие се реализираат и комплетната опрема се набавува, во согласност со предвидените рокови – истакнуваат од Општина Битола.
Со пристигнувањето на опремата, се чини конечно е заокружена инвестицијата за обнова на киното „Манаки“ во центарот на Битола.

Да потсетиме, киното „Манаки“ почна да се гради пред локалните избори на 8 мај 2013 година, кога сега веќе поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, и тогашната министерка за култура Елизабета Камчевска-Милевска, го поставија камен-темелникот за изградба на киното „Манаки“ на Широк сокак. Дента кога тие го поставија камен-темелникот за изградба на киното, во Основниот суд во Битола, внукот на Милтон Манаки, кој е единствениот наследник на неговиот имот, ја поднесе тужбата против локалната самоуправа и градоначалникот Талески и побара да се стопира градбата на киното, бидејќи просторот каде што се гради киното беше предмет на денационализација. Но на Талески му се брзаше и продолжи со градбата, бидејќи, како што рече, за него изградбата на киното „Манаки“ бил проект што како артист го сонувал со децении.

– Со оглед на огромното значење што го имаат браќата Манаки за развојот на филмската уметност во Битола и во Македонија, Битола не може повеќе да чека и да ја одложува изградбата на киното и бидејќи ги имаме сите потребни документи за градба мораме да почнеме со реализацијата. Битола мора да им се оддолжи на браќата Манаки за тоа што тие го направија за градот и јас сум уверен дека до крајот на мојот мандат ќе можеме на местото каде што порано постоеше киното „Манаки“ да го изградиме новото – изјави пред нецели пет години, сега веќе бившиот градоначалник на Битола, Владимир Талески.
Причина повеќе за неговиот оптимизам беше тоа што, според него, парите за изградба на киното наводно биле обезбедени со општинскиот буџет.

– Денеска, кога ценевме дека сме најподготвени со финансиски средства и проекти, како и со сите законски обврски, почнуваме со обнова на киното. Обновата ќе биде во две фази, а оваа градежна сезона ќе биде завршена првата фаза, која всушност претставува две третини од целиот проект, вклучувајќи целосна инфраструктура и инсталација, како и предниот дел, односно целата воведна партија во делот што ќе претставува сала, односно гледалиште – изјави тогаш Талески, кој притоа додаде дека следната градежна сезона ќе биде завршен вториот дел од објектот, односно киносалата со 150 седишта.
Својата поддршка за изградба на киното „Манаки “ дента ја искажа и бившата министерка за култура Камчевска-Милевска со своето присуство, која нагласи дека Министерството за култура, покрај тоа што дава целосна поддршка за изградба на киното и финансиски ќе го поддржи.

Во една таква свечена предизборна атмосфера, на 5 мај 2013 година, помина поставувањето на камен-темелникот на киното. Но во изминатите години, до крајот на мандатот на Талески, освен што беше подигната само карабината, другите работи со години стоеја во место.
Тоа што особено ги загрижи битолчани беше што новата локална самоуправа воопшто не покажа интерес за доизградба на киното и во двата општински буџети не планираше пари за негова изградба.

– Кога дојдов на градоначалничката функција побарав извештај за тоа што се случува со изградбата на киното. Морам да признаам дека досега за неговата изградба се потрошени многу пари, но, за жал, сѐ уште сме далеку од можноста објектот да биде ставен во функција, затоа што внатре не е ништо направено – изјави градоначалничката Петровска на почетокот на својот мандат, која притоа додаде дека за киното не се предвидени пари ниту во Министерството за култура.

Средствата за културата ќе бидат насочени кон реконструкцијата на Офицерскиот дом, кој мора што поскоро да се заштити од натамошно пропаѓање, истакна тогаш Наташа Петровска, која притоа нагласи дека за изградба на киното до преземањето на власта биле потрошени над 600 илјади евра. Но откако Битола го доби проектот за „Кинокултура“ се смени филозофијата и се интензивираа работите за (до)изградба на киното „Манаки “, кое го има изгледот на старото кино на браќата Милтон и Јанаки Манаки, кое беше изградено во 1923 година, а до темел беше уништено од пожар во 1939 година.