Околу 50 сообраќајни прекршоци дневно бележи тетовската полиција

108

Во изминатите шест месеци од годинава, на тетовското подрачје вкупно откриени се 8.773 различни видови сообраќајни прекршоци или речиси 50-тина секој ден, објави денес сумирани податоци Секторот за внатрешни работи Тетово.

Поради констатираните прекршоци од полициските службеници во овој период исклучени од сообраќај се 463 возила и 1.182 возачи. Најголемиот број од исклучените возила 379 биле со истечена и необновена регистрација, а 82 возила имале различна техничка неисправност.

Меѓу исклучените возачи, повторно најбројни 597 се без возачка дозвола и 462 почетници, додека 72-ца во овој период управувале под дејство на алкохол. Овие и другите прекршоци во првото полугодие, заокружени се со 4.548 мандатни и 2.688 прекршочни платни налози, на 1.095 впишани им се негативни бодови, на 179 од прекршителите времено им се одземени возачките дозволи, а на 37 возилата.

-Инаку, во шестте месеци најчест прекршок е неприлагодена брзина според условите на патот, односно пребрзо возење, што претставува и причина број еден за најмногу од случените сообраќајни несреќи, кои бележат пораст споредено со минатата година – вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Тетовската полиција само во јуни 2018 бележи 59 сообраќајни несреќи или 2 помалку во споредба со истиот период лани, од кои 46 во населено место и 13 на отворен пат.

Најмногу од несреќите, повторно се случиле на тетовските улици, пред се на „Илинденска“, „Маршал Тито“, „Благоја Тоска“ и „Видоја Смилевски-Бато“, како и на регионалните патишта Тетово-Пирок и Тетово- Јажинце. Најчеста причина за несреќите и во јуни е неприлагодена брзина ( 19 ), односно пребрзо возење, а веднаш потоа неправилно вршење дејствие ( 12 ), непочитување првенство ( 11 ) и така натаму. Во јуни регистрирани се 18 излегувања, односно излетувања од коловоз, пред се како последица на неприлагодување на брзината според условите на патот, во 6 учесници биле пешаци, во 5 мотоциклисти, во 1 велосипедист и друго.Сообраќајно најкритични денови минатиот месец биле среда ( 12 ) и понеделник и петок по ( 10 несреќи), додека најризичен период за случување на несреќите е од 10 до 14 часот.