Одбележан Светскиот ден на лицата со Даунов синдром и Денот на пролетта

210

Светскиот ден на лицата со Даунов синдром и Денот на пролетта, денеска во Прилеп беше одбележан со засадување на цвеќиња и триесет садници во дворот на ОУ „Климент Охридски“. Учениците заедно со своите наставници го раззеленија дворното место.

-Денеска е 21-ви, Денот на пролетта и ние од нашето училиште се вклучуваме во овој ден со манифестации со што сакаме да придонесеме за екологијата и за заштитата на животната среднина. Денеска е Денот на лицата со Даунов синдром, па во посебните паралелки организиравме изложба на ракотворби, заедно со детската амбасада. Средствата од продажбата на ракотворбите, ќе бидат наменети за потребите на овие деца – изјави Зоран Сребреноски, в.д. директор на ОУ „Климент Охридски“.

Настанот е поддржан од Општина Прилеп и Советот на Општина Прилеп, а советникот Тони Камчески ја акцентираше таа поддршка.

Родителите на децата кои учат во оваа училиште велат дека се задоволни од воспитниот кадар. Но, она што им недостасува се поголеми парични средства за терапија која им е потребна на нивните деца.

-Премногу сум задоволна од наставничката и програмата по која работат, но средставата кои ги земаме се 4.300 денари. Тоа се малку пари за купување на лековите за детето – изјави Христоска Даниела, родител на дете со Даунов синдром.

Рената Андоноска, наставник дефектолог во ОУ „Климент Охридски истакна дека во училиштето се школуваат три дечиња со Даунов синдром.

– Две се во второ одделение и едно во девето одделение. Нашето училиште преку својата работа секојденевно се грижи за подобрување на нивниот живот и нивно вклучување во секојдневните активности – посочи Андоноска.

Со повеќе активности се вклучија и Децата од Дневниот центар „Ѕуница“ кои го посетија Средното општинско училиште „Орде Чопела” и низ прошетка во училиштето се запознаа со хортикултурата, ветеринарната амбуланта, хемиската лабораторија и спортската сала.

По повод Денот на пролетта денеска беа засадени и садници во сите основни и средни училишта во градот.