Одбележани 75 години од Првата македонска егејска бригада

191

Денеска во Битола беше одбележана 75-годишнината од Првата македонска егејска бригада.
Градоначалничката на општина Битола Наташа Петровска, делегација од Советот на општина Битола, претставници на општинската организација на Сојузот на борците од Битола и претставници на Здружението на лица кои потекнуваат од Егејска Македонија, ја одбележаа 75-годишнината од формирањето на Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија.

По тој повод, пред спомен-плочата кај Противпожарната единица, положија свежо цвеќе.
– Живееме како Македонци во сопствена држава, благодарение на сите влогови на нашите предци. Токму тука припаѓаат и оние кои учествувале во оваа бригада, заради кои се наоѓаме овде, во одбележување на 75 годишнината од нејзиното формирање. Во оваа прилика сакам да им укажам слава и голема благодарност, затоа што ние денес се наоѓаме овде, благодарение на нив – рече Наташа Петровска, градоначалник на општина Битола.
Пред присутните на чествувањето, се обрати и претседателот на општинската организација на Сојузот на борци, Александар Трајковски, кој говореше за формирањето на бригадата и нејзините активности во регионот во 1944 година, како и активностите во Западна Македонија во 1945 година.
Бригадата била расформирана на 2 април 1945 година, а нејзиниот боречки состав бил распореден во други единици.
Нешто подоцна, најголемиот дел од борците на Бригадата се вратиле во Егејскиот дел на Македонија и ги создале првите одреди на Народноослободителниот фронт (НОФ), а подоцна станале борци во единиците на Демократската армија на Грција, каде повторно покажале огромна пожртвуваност во борбата за национални и социјални права и слободи.
Спомен-плочата на чешмата е поставена во 1984 година.
М.М.