Одбележани 17 години од загинувањето на шесте припадници на тетовскиот гарнизон

82

Во тетовската касарна „Кузман Јосифовски-Питу“ се одбележаа 17 години од загинувањето на припадниците на АРМ од тетовскиот гарнизон, кои на петти јуни 2001 година беа убиени во заседа на патот Шипковица – Гајре. На спомен-плочата во тетовската касарна, каде што се испишани нивните имиња, вчера беа положени букети цвеќе.
– Животите на браникот на татковината ги дадоа Исак Руфати, Николче Китанов, Пеце Матичевски, Влатко Миленковски и Благоја Силјановски, кои загинаа на петти јуни во заседа на патот Шипковица – Гајре. И на први јули на Тетовското кале загина нашиот шести соборец од тетовскиот гарнизон Блашко Толев. Во светот на војниците има поговорка: „Не вреди да живееш ако нема за што да загинеш“. Вистинската загуба е кај семејствата, на кои тоа со ништо не може да им биде надополнето. Покрај физичката смрт, ние нема да дозволиме да умрат во нашите на сеќавања. Ние таа трага нема да ја заборавиме – рече командантот на гарнизонот, потполковник Гоце Филиповски.
Пред спомен-плочата, покрај претставниците на тетовската касарна и на Армијата на Република Македонија, цвеќе положија членови на Сојузот на борците, Одборот на бранителите и Сојузот на воените инвалиди.