Одбележани годишнини од убиствата во 2001 во Тетово и Гостивар

277

Во тетовски Челопек се одбележаа 17 години од свирепото убиство на Боге Илевски и Светислав Трпковски вработени во мотелот Бриони, местото каде ги загубија животите. Двајцата беа врзани за столб и заедно со мотелот разнесени во воздух со експлозиви.

За цело ова време убијците се на слобода, а местото каде истите го извршија најподлото убиство е руинирано, обраснато во трева и прекриено со смет. Местото остана да сведочи за заборавеноста, за немарноста, за нечовечноста, изјавија роднините на убиените кои денес се собраа за помен парастосот.

Мотел се уште стои во урнатини. Земјоделската задруга Единство која до 2001 година стопанисуваше со мотелот, во неколку наврати изминативе години, се обиде да го обнови мотелот, но жителите Албанци од Челопек со протести и блокади не дозволија да се изгради, сметајќи дека земјиштето каде бил изграден објектот е селски имот.

Годишнината од трагичната смрт на полициските резервисти, Даил Јанкоски и Александар Николиќ од Гостивар, беше одбележана со комеморативен собир во населбата Циглана, на местото кадешто беа убиени. Во нивна чест и слава кај спомен плочата се собраа родини, пријатели и колеги. Беше отслужена панихида, а букети цвеќе положија делегации од СВР Тетово, Полицискиот синдикат, Здружението на бранители Бедем и ВМРО-ДПМНЕ.

Гостиварците Јанкоски и Николиќ, беа убиени на должност на полициски пункт на влезот од населбата Циглана во 2002 година на 26 август еден часот по полноќ. Според наводите од истрагата, на нив пукале непознати лица со автоматски пушки од возило во движење со странски регистарски таблички. На местото на трагедијата во чест на загинатите резервисти во 2012 година беше поставена спомен плоча. По комеморативниот собир во Циглана, блиските ги посетија и нивните вечни почивалишта.