Фото: Зоран Антоски

Со скромна свеченост и во присуство на мал број на граѓани, денес беше одбележана 77-годишнината од првото ослободување на првоослободениот град во земјава во време на Втората светска војна, Кичево.

Одбележувањето беше поразлично од претходните години бидејќи немаше подигање на знамето на Кичевско-Мавровскиот партизански одред пред музејот Западна Македонија во НОВ, поради негов нестанок пред една година, и започна кога преставници на Здружението на Сојузот на борците, поддржувачи на овој период од македонската историја и на политичките партии, положија букети свежо цвеќе на спомен костурницата на Китиното Кале, каде е сместена и криптата со коските на 555 борци, кои го положиле животот за време на оваа војна, а родум се од овој крај.

За првото ослободување на Кичево ,зборуваше претседателот на Сојузот на борците од Кичево, Владо Дејаноски.

– Кичево е градот кој шест пати е ослободуван од непријателот, кој многу пропатил во оваа војна и затоа ние денес со гордост се присетуваме на првото ослободување на градот, што била воедно и првоослободена територија на Македонија. Првото ослободување на Кичево траело 21 ден, во кој период во село Подвис е отворено и првото училиште на мајчин македонски јазик, а негов учител бил Василко Ристески од истото село. На 26 септември на градскиот плоштад на терасата од музејот се одржал и голем народен митинг, на кој покрај другите на насобраните граѓани им се обратил и Светозар Вукмановиќ-Темпо. На 21-от ден од слободата на Кичево, силни германски единици преку Буковик навлегуваат на слободната територија, по што партизанските единици и одреди отстапуваат од градот и своите сили ги поместуваат во Дебарца. Последното ослободување на Кичево се случило на 15 ноември 1944 година и тоа било шестото ослободување на градот, кој може да се пофали со богата историја збогатена со многу важни настани – вели Дејаноски.

За овој ден, краток осврт имаше и авторот на овие редови, кој истакна дека Кичево и неговите жители треба да бидат горди на пребогатата историја, проткаена со многу светли датуми, кои трајно ќе останат во нивната меморија. З.А.