Одбележана 116-годишнината од смртта на Јордан Пиперката

397

Денес во село Велмевци, пред споменикот на Јордан Пиперката и неговите соборци, во месноста Черешна, во присуство на месното население и почитувачи на животот и делото на големиот војвода, беше одбележана 116-годишнината од смртта на Јордан Пиперката. Тој загинал во близина на село Цер, но по негова желба бил погребан на ова ритче во близина на село Велмевци, од каде, како што рекол, како на дланка ќе го гледа Церско поле и Демирхисарско, каде што најмногу и делувал.

– Денес се навршуваат 116 години од смртта на големиот војвода Јордан Сиљанов Пиперката, човекот кој од се повеќе ја сакаше својата татковина и ќе остане запаметен како непомирлив,воинствен и храбар, кој не го жалеше својот живот за да ја види слободна својата земја. Во сите години на неговото делување, бил истакнат борец и секогаш се трудел да биде присутен на сите места од регионот, каде што му беше потребен на својот народ. Иако на денешен ден тоа августовско попладне загина во Суво Поле Церско, сепак, беше испочитувана неговата желба, да биде погребан на ридот во месноста Черешна во близина на село Велмевци, од каде како на дланка засекогаш ќе го гледа Церско поле и демирхисарскиот крај, каде делуваше во сите години додека не загина. Сите ние, помладите генерации, треба да ги следиме стапките на Пиперката, кој беше вистински показ како се сака и гине за својата татковина – истакна Станоја Станојоски, жител на родното село на Пиперката, Козица, и голем почитувач и поддржувач на делото на големиот војвода, кој во 1870 година се родил во ова село, а животот го завршил на 33 години во село Цер. З.А.