Одбележана 115-годишнината од смртта на Јордан Пиперката

268

Денес се навршуваат 115 години од смртта на еден од најславните војводи од Илинденскиот период, Јордан Сиљанов, кај народот попознат како Јордан Пиперката, бестрашен борец за слобода на Македонија, роден во 1870 година во село Козица, Кичевско. Пиперката загинал кај село Цер, Кичевско, а по негова желба е погребан на ридот над селото Велмевци во месноста Черешна, од каде како на дланка се гледа Церско поле и Демирхисарско, каде што најмногу делувал и ги извршил најголемите операции против поробувачот.

Пиперката е опеан во многу песни, а неговата храброст добро им била позната и на Османлиите, кои и покрај многуте потери и заседи кои биле неуспешни, тврделе дека него го чуваат духови.

Жителите на родното село Козица се горди на нивниот најпознат соселанец и роднина, кој ова село го впиша во историската мапа во времето на Илинден. 

– Денес кога се навршуваат 115 години од смртта на Јордан Пиперката, со должна почит и голема благодарност го спомнуваме името на бесмртниот војвода, кој на најдобар можен начин го прославил нашето село во илинденскиот период и се покажал како голем војвода кој вечно ќе живее во нашата меморија. Примерот на Пиперката треба да го следиме сите ние помлади и постари, кои водиме потекло од ова славно село – велат денешните жители на ова село, Станоја, Раде и Христијан.

Одбележувањето пред споменикот на Черешна беше извршено од страна на општина Демир Хисар, чија делегација го посети местото каде што почива Пиперката кај село Велмевци. Во текот на денот оваа делегација предводена од директорот на Домот на културата Зоран Костески, положи свежо цвеќе и пред куќата-Кула во село Брезово, каде војводата Јордан Пиперката водел многу победнички битки и неговото херојство во оваа кула е опеано и во песните. На одбележувањето во Велмевци беа присутни почитувачи на делото на војводата и жители од родното село Козица, политички партии и поединци. З.А.

Кулата во село Брезово