Овошје за пет илјади ученици, секој работен ден

42
Проектот „Здрав оброк за секое дете“ е покриен од буџетски пари

Општина Струмица проектот „Здрав оброк за секое дете“, кој го почна во октомври минатата година, го продолжува и во второто полугодие од оваа учебна година, со пари издвоени од сопствениот буџет. Со него се опфатени околу пет илјади ученици од прво до деветто одделение во сите основни општински училишта, кои секој работен ден за ужинка добиваат овошје. Иницијатор на проектот е градоначалникот Коста Јаневски, а неговата цел е создавање здрави навики во исхраната уште од најрана возраст.

– Овој проект се покажа како успешен. Ја исполни очекуваната цел, а тоа е да создадеме кај најмладите генерации, учениците, навики за здрава исхрана и здрав однос кон своето тело и животот воопшто понатаму. Ново е тоа што понудивме разновидност во овошјето, додаваме и некое сезонско овошје, кое може да се транспортира и да биде корисно, а кое, освен симболиката на здрав живот, има и нутритивна вредност. Јас длабоко верувам дека ова ќе остане како еден печат во нивната колективна меморија за грижата на повозрасните кон нивното здравје и онаа едукативна компонента што треба да ги води и понатаму во животот – вели градоначалникот Јаневски.

Тој смета дека значајна улога тука имаат и родителите и наставниците, кои треба овој проект да го поддржат и да го продолжат.