Објавен тендерот за избор на изведувач за изградба на Пречистителна станица во Битола

169

Со објавата на тендерот за избор на изведувач за изградба на пречистителна станица во Битола практично почна реализацијата на уште еден капитален проект за Општина Битола.

Со проектот за „Изградба на пречистителна станица и колекторски систем“, Битола ќе добие пречистителна станица со која е предвидено собирање и третирање на отпадните води во Битола и околината.

Министерството за финансии, преку единицата за централно финансирање и склучување на договори денеска го објави тендерот за „Изградба на пречистителна станица и реконструкција и надградба на канализационата мрежа во Општина Битола“.

Во моментот, во завршна фаза е и постапката за избор на надзор на изградбата и реконструкцијата.

Вкупната вредност на овој проект, кој е финансиран од ИПА 2 Програмата, преку Секторот за заштита на животната средина и климатски промени и Владата на Република Македонија изнесува 27,8 милиони евра.

Со реализацијата на проектот ќе се реши проблемот со отпадните води кои во моментот се испуштаат во реката Драгор и Петтиот канал во Битола, кој во моментот во голема мера ја загадува животна средина на жителите од селата Кравари, Егри, Жабени, Поешево, Оптичари.

М.М.