Нов цевковод за решавање на проблемот со водоснабдување

67

ПРИЛЕП

Општина Прилеп работи на решавање на децениските проблеми со кои се соочуваат граѓаните, истакна градоначалникот Илија Јованоски на прес-конференција, на која заедно со директорот на претпријатието „Водовод и канализација“, Емил Јанески, ги изнесоа деталите од проектот „Реконструкција на цевковод со главен довод на вода од извориште во мeстото викано Пашоски Ливади, до собирна шахта во Прилеп“.

Договорот за реализација на проектот беше потпишан во Скопје.
– Станува збор за средства во висина од 40,5 милиони денари, кои се обезбедени со одлука на Владата за прераспределба на парите од ТАВ-програмата. Со проектот се предвидени градежни активности за подобрување на доводните цевководи, од постојните извори во месноста Пашоски Ливади до собирната шахта на разводната водоводна мрежа за градот. Реконструкцијата предвидува ископ на нова траса во должина од четири километри и поставување нови лиено-железни водоводни цевки со профил од 300 мм и притисок од 10 бари, заедно со целата потребна придружна хидротехничка опрема. Во моментов со постојниот цевковод идат околу 10 литри во секунда, а по неговата реконструкција, од изворите во месноста Пашоски Ливади, во главната водоводна мрежа во градот ќе доаѓаат околу 25 литри во секунда. На месечно ниво, тоа значи нови 39.000 кубни метри вода за потребите на граѓаните на Општина Прилеп. Изградбата на новиот цевковод ќе трае од четири до шест месеци – изјави градоначалникот Јованоски.

Директорот на „Водовод и канализација“, Емил Јанески, рече дека цевководот од изворите во Душница и во Пештерица е релативно добар, додека, пак, од Пашоски Ливади и Леково е мошне оштетен, како и тоа дека водите од овие четири извори се собираат во истата хлорна и филтер-станицата на собирната шахта, од која потоа се внесуваат во градскиот водовод.
– Ова е проект од капитално значење за нас. Работевме напорно на проектирањето, аплицирањето и изработката на целата неопходна документација за добивање на овие средства. Во иднина останува да работиме на тоа да го реконструираме и потисниот цевковод за Лековскиот Извор. Практично, решаваме голем проблем што се однесува на водоснабдувањето за граѓаните на Општина Прилеп – нагласи Јанески.