Нов едукативен детски екопарк

37

БИТОЛА

Мини-училници на отворено, направи за балансирање, дрвени греди за рамнотежа, едукација преку игра, учење бројки и букви, математички операции, забава и рекреација… Ова се само дел од содржините што ги нуди новиот Природен детски екопарк (Екопарк), кој е изграден од едно старо паднато огромно дрво, кое неодамна од невремето се откорна во Градскиот парк во Битола.
Новиот природен едукативен детски парк, кој е изграден во состав на Градскиот парк во Битола, деновиве е едно од најпосетуваните катчиња од родителите и од најмладата популација во градот.
– Денеска имаме можност да го промовираме овој екопарк, кој дава можност за рекреативни активности на нашите најмали дечиња, кои се од исклучително значење во овие околности на ковид-пандемија, како дополнителен простор за рекреативни, но и едукативни активности од областа на екологијата. Овој простор дава можност да биде искористен и за одржување низа екоработилници, со екосодржини, каде што младите ќе се стекнуваат со нови предзнаења од областа на екологијата, но и воопшто, за различни наставни содржини што ги следат во образовните институции. Ме радува инвентивноста што ја имаше ЈП „Комуналец“ со нивните вработени, која е повеќе од евидентна и видлива во последниот период и која покажува дека со и многу малку може да се направи многу што многу значи за нашите деца – рече градоначалничката Петровска.

За изградба на новиот едукативен детски парк покрај старото откорнато дрво се користени и отпаднати гранки, стебла и сѐ што нуди овој дел од паркот. Тоа што е особено интересно е што за изградбата на новиот едукативен детски екопарк не е потрошен ни еден скршен денар.
– Битола доби единствен природен парк во нашата држава, без за тоа да потроши ни еден денар, со користење автохтони материјали од самиот парк. Идејата започна со паѓањето на едно големо дрво, кое беше проблематично да го подигнеме. Од Секторот за зеленило, предложија да направиме ваков парк од исклучиво природни материјали. Тоа што ни беше на располагање го искористивме многу ефективно, многу мудро и многу паметно. Се надевам дека оваа прекрасна содржина ќе ја зачуваме сите заедно – истакна директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски.
Тоа што особено радува е што во последно време во ЈП „Комуналец “, покрај вршењето на основаната дејност за подигнување и складирање на сметот и ѓубрето, особено внимание им придава на инвентивноста и аранжирањето на зелените површини, како и хортикултурното уредување на градот.