Нова фасада на детската градинка „Олга Мицеска“

66

Кичево

Најголемата и најстара детска градинка во градот „Олга Мицеска“ доби комплетно нова фасада, која е обоена во весели тонови. Според веќе планираното, и дворното место е збогатено со повеќе нови содржини, а една од нив е и украсниот часовник поставен во тревникот во дворот на оваа претшколска установа. Градинките во Кичево се снабдени и со нови топломери, па така кога децата ќе се вратат назад, при влез на секое од дечињата ќе им се мери телесна температура. Исто така пред влезот на градинките ќе биде поставен и праг со дезинфекциско средство, за да не дојде до внесување на ковид-19 во внатрешноста на објектите.

Иако засега нема навестување кога ќе се вратат децата во градинките, сепак управата на детските градинки во Кичево се подготвува како уште утре да ќе се врати детскиот џагор во овие објекти. Внатрешноста на градинките од поодамна е целосно дезинфицирана, како просториите така инвентарот и амбалажата што ја поседуваат. Но тука не се застана, туку подготовките продолжија со несмален интензитет и во текот на цел јуни.

– Покрај редовните активности што веќе ги завршивме за целосна дезинфекција на објектите во нивната внатрешност, најголемата детска градинка во градот, по неколку децении доби и нова фасада со весели и разиграни бои. Исто така благодарение на инвентивноста на вработените, дворот на градинката е збогатен со повеќе содржини, кои ќе бидат интересни за децата кога ќе престојуваат тука. Со новите зафати градинката целосно го промени својот лик и покрај педесетте години, кои ги бележи од почетокот со работа – појаснува директорот на детските градинки во Кичево, Садик Ахмети.

Тој додава дека независно кога повторно ќе почнат со работа детските градинки, завршени се сите подготовки за почеток, иако министерот Филипче најави дека поради пораст на бројот на заразени со ковид-19, ќе почекаат уште извесен период. Ахмети информира дека скринингот на вработените потврдил дека во градинките во Кичево нема вработени инфицирани од ковид-19.