Нова камбанарија и нов покрив за црквата „Света Богородица“ во Осломеј

115

Со големо име и со малку жители, селото Осломеј има со што да се пофали – селската црква „Света Богородица“, која последниве години доби нов лик. Објектот од скоро има пластифициран покрив и нова трпезарија, а пред 23 години во присуство на голем број црковни великодостојници и гости од сите страни црквата беше осветена, па сега е еден од ретките црковни храмови во селата во кичевскиот крај, каде што е поставен и јарбол на кој се вее црковното знаме.
За сите активности на селската црква е заслужна малобројна група луѓе, меѓу кои Саве Димитриевски, кој не само што води грижа за црквата, туку и работи резба на дрво, свири на сите жичени инструменти, слика икони и е документарист. Во неговата архива се наоѓаат голем број документи и филмови поврзани со селото, обичаите, архитектурата и сѐ што е значајно за ова село.

– Иако бројот на постојани жители во нашето село е мал, сепак, за секој осломешанец селото и селската црква секогаш се присутни во нивната меморија каде и да се. Тоа го потврдуваат и нашите зафати во селската црква, која во изминатиот период доби целосно нов лик. Има нов пластифициран покрив, а во црковниот двор изградивме и нова трпезарија и преубава камбанарија, од каде што ударите на црковно ѕвоно се слушаат надалеку. Пред 23 години ја осветивме црквата, кога имавме гости од сите села и градови, а чинот на осветување го изврши митрополитот дебарско-кичевски господин Тимотеј со повеќе свештеници. Секој жител на селото на свој начин се вградил во дотерувањето на црковниот храм и очекуваме таа традиција да продолжи и да се надградува – рече Димитриевски.

Жителите на Осломеј ја чуваат традицијата, а доказ за тоа е и фактот што во меѓувреме изградиле и мала црквичка „Свети Димитрија“, во месноста Миризиште во селската шума.
– Поттикнати од написот на еден познат истражувач Томо Смиљаниќ, кој го посетил нашето село во 1922 година и кој потоа издал книга по име „Кичевија“, по разговор со најстарите жители на селото во својата книга напишал дека на тоа место длабоко во шумата постоел црковен храм „Свети Димитрија“, кој ние со многу желба и труд сами го изградивме на истата локација и горди сме дека во оставина на идните генерации ќе остане и оваа црквичка што се наоѓа западно од селото, на 1,5 километар оддалеченост – додава Димитриевски.