Нова водоводна линија во Негорци

22

Гевгелија

Општина Гевгелија реализира уште еден инфраструктурен зафат, а овој пат станува збор за поставување нова водоводна линија во Негорци. Цевководот во должина од 220 метри е поставен на улицата Гоце Делчев. Со новата водоводна линија е зголемен капацитетот за снабдување со вода за 10 до 12 домаќинства. Градежните работи на терен ги изведуваа екипи на ЈПКД „Комуналец“ – Гевгелија.
– Изминатиов период во Негорци исто така се подобрија и се нормализираа водоснабдувањето и притисокот на вода за дваесетина домаќинства. По пријавувањето на проблемот од страна на жителите, ЈПКД „Комуналец“ излезе на терен, изврши увид и изведе нова реконструкција на водоводната линија во долниот дел од населеното место. Водоснабдувањето на овој дел од Негорци е значително подобрено.

Во наредниот период редовно ќе вршиме проверка на регулаторите на притисокот со што проблемите и дефектите во водоводната мрежа ќе бидат навремено и брзо отстранети, за да им овозможиме на сите наши граѓани квалитетна вода за пиење, која ќе биде во доволни количества – истакнува директорот на ЈПКД „Комуналец“, Златко Зумров.
Од локалната самоуправа велат дека водоснабдувањето во населените места е значително подобрено, констатирал и Советот на Општина Гевгелија, на последната седница.

– Исто така, се констатира дека во текот на 2020 година, заклучно со месец мај, гевгеличани користат исправна и здрава вода за пиење со последните испитувања на исправноста на водата со земање мостри од повеќе локации, како во градот така и во населените места, кои ги врши Центарот за јавно здравје – ПЕ Гевгелија. Во поголемиот дел од населените места водоснабдувањето е редовно и без поголеми прекини, освен во периодите кога се отстрануваат дефекти на водоводната мрежа, се вршат интервенции на водоводните линии или се приклучуваат нови корисници – појаснуваат од Општина Гевгелија.