Новата спортска сала за учениците ќе биде готова до Нова година

114

КИЧЕВО

Новата спортска сала што почна да се гради во дворот на училиштето „Фаик Коница“ во селото Грешница кон средината на јуни, напредува со планираната динамика и, според најавите, таа треба да биде целосно завршена до крајот на оваа календарска година.
Новата спортска сала се протега на површина од 1.000 квадратни метри и е дел од проектот на Владата од 2008 година,за изградба на 145 спортски сали во нашата земја. Оваа е една од двете спортски сали што во исто време се градат во општината Кичево, заедно со спортската сала во селото Гарани, која е со идентични димензии.
– Спортската сала што во дворот на нашето училиште почна да се гради кон средината на јуни и напредува со планираната динамика. Веќе и визуелно се наѕираат контурите на новиот спортски објект, кој ќе биде од исклучителна важност за нашето училиште.

Оваа сала се гради со средства од Банката за развој при Советот на Европа и Владата и претставува дел од проектот на Владата за изградба на 145 спортски сали во нашата земја. Во неа ќе има и повеќе спортски реквизити за повеќе спортски дисциплини за екипни и поединечни спортови. Според договореното со изведувачот, новата сала треба да се заврши до крајот на оваа календарска година, по што учениците од нашето училиште ќе можат да спортуваат и во периоди кога има врнежи од дожд или снег или надвор е многу студено – рече Флорие Ќерими, директорка на училиштето.
Објектот ќе се користи и за организирање голем број музички и културни настани. Во ова училиште настава од прво до деветто одделение следат вкупно 176 ученици.