Никнаа првите куќи од проектот „Златен рид“

2314
Фото: Васка М. Младеновска

По речиси шест години чекање, неколкумина сопственици почнаа со изградбата иако и сѐ уште не се создадени сите неопходни услови за градење

Првите индивидуални куќи од одамна почнатиот проект „Златен рид“ на просторот на поранешната битолска касарна, конечно стигнаа до покриви. По речиси шест години чекање, неколкумина сопственици почнаа со изградбата. Долгото чекање додека да се создадат минимални услови за градење, по сѐ изгледа, толку многу ги истошти што сега многу тешко се решаваат да зборуваат за јавноста.
– Како да се радувам кога цели шест години чекав да почнам со градба, а сѐ уште не постојат никакви услови за работење, а камоли за живеење – ни вели еден од сопствениците на куќите, притоа покажувајќи ни на калливиот пат по кој мора да поминуваат тој и мајсторите за да дојдат до парцелата.

Откако новата локална самоуправа им овозможи какви-такви инфраструктурни услови за градба, неколкумина сопственици на парцелите, кои се наоѓаат во самото подножје на Златен Рид, веднаш до патот, почнаа со градба.
– Долги години го чекавме овој момент и конечно да ни овозможат услови за изградба на нашите куќи. Иако сега има какви-такви услови за градба, сепак не знам кога ќе заврши комплетното уредување на инфраструктурата и кога на овој дел од Битола, кои некои го нарекуваат Златен Рид ќе можеме нормално да живееме.

Како што стојат работите, по сѐ изгледа, уште многу води ќе треба да протечат низ реката Драгор за конечно да се преселиме тука да живееме. Од луѓето што веќе живеат во станбените згради сме информирани дека условите за живот се речиси невозможни од големите прашини и бучави што се нивно секојдневие поради тоа што просторот не е урбанизиран – ни велат луѓето што неодамна почнаа со изградба на своите индивидуални куќи. Инаку, кога пред речиси десет години, поранешната локална самоуправа од Владата ја побара касарната под свое владение, беше речено дека тој дел на Битола ќе стане најубав дел од градот, каде што покрај многубројните индивидуални објекти за живеење, ќе никнат голем број објекти за колективно домување, хациенди, детски градинки, училишта, трговски центри, ресторани, панорамска кула, аквапарк, филмски град, нова полициска станица, црква, нова зграда за противпожарната единица…

Но, за жал, и по десет години од преземањето на касарната, освен сопствениците на две станбени згради, кои сега ја тужат локалната самоуправа и бараат милионски евра отштета, поради штетите што ги претрпеле на неурбанизираната локација, од сите тие ветувања засега нема ништо. Сѐ до неодамна, просторот личеше на напуштено градилиште. Имено, поранешното раководство на локалната самоуправа на чело со бившиот градоначалник Владимир Талески, средствата што ги собра од продажбата на градежните парцели за комуналии, ги пренамени за изградба на инфраструктурата на индустриската зона „Жабени“ поради што активностите на оваа локација едноставно беа стопирани. Откако сопствениците на парцелите се заканија дека ќе поднесат тужби и барања за отштети, локалната самоуправа предводена од Талески се задолжи со кредит од 2,5 милиони евра од Светска банка за да почне со изградба на инфраструктурата.

За потсетување, интересот на битолчани за оваа локација беше голем затоа што парцелите беа понудени на продажба по багателни цени, со почетна цена од само едно евро за квадратен метар. Откако на првата аукциска продажба за само 21 парцела колку што најпрво беа понудени на продажба, конкурираа 61 заинтересиран битолчанец, набрзо беше организирана нова електронска продажба за уште нови 171 парцела и за дваесетина хациенди со по над 2.000 квадратни метри. Иако се очекуваше дека со оглед на атрактивноста на локациите, цените на парцелите ќе бидат мошне високи, на првото електронско наддавање највисоката цена за квадратен метар достигна 550 денари, а најниската цена само 71 денар. Таквата продажба ги подгреа сомневањата кај битолчани дека јавната аукција всушност беше „тајна“ и дека првите парцели ги купија познатите битолски тајкуни, блиски до власта. Ниските цени беа повод битолската опозиција тогаш да ја обвини локалната самоуправа за нетранспарентност во продажбата.

– Продажбата на парцелите во касарната, според нас, беше крајно нетранспарентна и по багателни цени. За само едно евро по квадратен метар почетна цена се продадоа парцели за градба, или за дел од парцелите вкупната почетна цена изнесуваше нецели 550 евра, сума со која реално не можете да купите ни гаража, а камоли место за куќа во една од најелитните населби, каква што е поранешната касарна. Веднаш до касарната, во населбата Стрчин, на пример, за квадратен метар би платиле повеќе од 50 евра. Сето ова за нас е доволен сигнал за сомнеж дека можеби се работи за матни бизнис-интереси на локалната власт – обвинија од тогашната опозиција.
Но таквите критики, локалната самоуправа предводена од Талески категорично ги отфрли нагласувајќи дека обвинувањата се тенденциозни и злонамерни и дека при продажбата на парцелите сѐ било јавно и транспарентно.

339
– Битола е една од првите општини што организираше јавна аукција за продажба на градежните парцели. Сѐ беше јавно и транспарентно. Сите кандидати имаа можност да наддаваат. Такво право имаше и опозицијата. Зарем има потранспарентен начин на продажба на земјиштето од јавно наддавање. Или за СДСМ „транспарентен“ начин за продажба е во „четири очи“ – возвратија тогаш од локалната самоуправа.
Според условите за градба, сите што купија парцели за индивидуална станбена изградба имаат обврска, откако ќе ги добијат одобренијата за градба, објектите да ги изградат во рок од шест години. За многумина тие рокови одамна изминаа, но сѐ уште не се охрабруваат да почнат со градба.